Вршителот на должност помошник државен секретар на САД за Европа и Евро-Азија, Филип Рикер, изутринава со средба со шефот на дипломатијата Никола Димитров во МНР, ја почна серијата разговори со претставници на власта и на опозицијата.
Рикер кој во МНР беше придружуван од американската амбасадорка Кејт Мари Бернс, по средбата со Димитров треба да се сретне со премиерот Зоран Заев, со кого ќе одржат заедничка прес-конференција.
Согласно агендата, високиот американски дипломат потоа заминува за Тетово, каде во седиштето на ДУИ ќе има средба со лидерот на партијата Али Ахмети.
Предвидено е во текот на денов Рикер да има средби и со претседателотна државата Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието Талат Џафери и со други владини претставници.
Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, за време на посетата на Собранието, покрај со Џафери, ќе има средби и со пратениците од Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.
Според најавата од Стејт департментот и соопштението од нашето МНР, централни теми ќе бидат билатералните односи и патот на Северна Македонија кон членство во НАТО и ЕУ, а ќе бидат разменети и мислења за состојбите во регионот. Се очекува да стане збор и за новиот закон за јавното обвинителство со кој треба да се регулира идниот статус на СЈО.
Рикер неодамна во изјава за МИА во Вашингтон оцени дека Северна Македонија во изминатиот период сработи одлично, и не треба да се дозволи земјата да подлегне на некаква дестабилизиција со непотребни политички игри. Администрацијата во Вашингтон е убедена дека Северна Македонија е на вистинскиот пат и оти процесот треба да се истурка до крај со цел земјата да стане 30. членка на НАТО и да ги почне преговорите за полноправно членство во ЕУ, истакна Рикер.







