Подигнување на свеста кај самите жени да се пријавуваат на раководни позиции, да се зголеми бројот на жени на значајни позиции во економската сфера како и во извршната власт, соработка со граѓанскиот сектор за подобрување на родовата
еднаквост во земјата, беше во фокусот на средбата на Клубот на пратенички во републичкото Собрание со граѓански организации на тема „Досегашната соработка и идните предизвици”.
Претседателката на Клубот на пратенички Ѓулумсер Касапи изјави дека Клубот има успешна соработка со граѓанските организации за подобрување на родовата еднаквост во сите сфери на општеството.
Според неа, застапеноста на жените на раководни позиции во земјата треба да се зголемува.
„Ние ќе бараме квоти од 50 отсто во Собранието и 30 отсто во извршната власт, како и во локалната власт да се зголеми бројот на градоначалнички. И во најразвиените земји постојат квоти за жени на раководни позиции во економијата. И ние ќе се заложуваме да имаме директорки на компании во поголем број“, рече Касапи.
Катерина Кузмановска, пратеничка на СДСМ и Коалицијата, истакна дека борбата за еднакви права и можности е основно човеково право.
„Патот што ние како жени, на пример како жени политичари, како жени хирурзи, жени менаџери, треба да го изодиме е многу потежок земајќи го предвид општеството во кое живееме, отколку патот што го изодува еден маж, за да стигне до некоја цел“, рече таа.
Оцени дека треба да се менува и образовниот систем и оти има многу стереотипи во учебниците што треба да се менуваат со цел да се препознаат облиците на дискриминација.
„Од најмали нозе децата се учат на нешто што треба да претставува традиција во семејството и тоа треба да се менува“, рече Кузмановска.
Ленка Угриновска од Здружението на жени менаџери Елит, се заложи да се зголеми бројот на жени на раководни позиции во економијата.
„Одржуваме работилници со кои ја подигнуваме свеста на жените, ги охрабруваме и ги поттикнуваме, затоа што има жени кои почнуваат бизнис, а има и такви што се силни, но се плашат да се јават на одредена раководна позиција и нас целта ни е токму нив да ги охрабриме“, рече Угриновска.
Таа истакна дека поаѓајќи од фактот дека сме стереотипна, патријархална, традиционална земја, и има нееднакво вреднување на трудот на жената, ќе поднесат иницијатива во законодавниот дом за воведување квоти од минимум 40 отсто жени на раководни позиции во економијата, што го налага и самата Европска Унија.
Дебатата е во соработка со Националниот демократски институт по повод Неделата на женски права и родова еднаквост.







