„Светската банка преку својата публикација Дуинг Бизнис која излегува еднаш годишно, потврди дека економијата во Република Македонија едноставно тоне. Република Македонија, на листата на Дуинг Бизнис падна за 7 места, од 10 на 17 место во светот. Тоа автоматски докажува дека Владата не работи ништо, ама баш ништо за одржување на бизнис климата, а не пак за подобрување. Залудни се спиновите од страна на Министерката Нина Ангеловска дека сме се уште први во регионот или пак пред дваесет и неколку земји во Европа. Залудни се тие спинови сепак се покажа дека ништо не се работи на полето на реформите за подобрување на економијата“, рече денеска на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Тој истакна дека овие неуспеси на Владата на СДСМ се затоа што не се работи ама баш ништо во однос на реформите во државата, туку едноставно се работи на крадење и пљачкање на сопствениот народ.
Законите и реформите, рече Арсовски, не може сами од себе да се прават и да се носат во Собранието, дека морало некој да ги сработи и да ги реализира.
Опозицискиот гласноговорник информираше и за, наводен, пад кај сите индикатори во извештајот, што уште еднаш укажувал на неработата и мрзата на оваа Влада која, според него, била посветена единствено на сопствените бизниси.
„Имаме пад кај индикаторот „Започнување бизнис“, кај индикаторот „Градежни дозволи“, кај индикаторот „Поврзување на електрична мрежа“, кај индикаторот „Регистрирање на имот“, кај индикаторот „Добивање кредит“ , кај индикаторот „Заштита на малцински инвеститори“, кај индикаторот „Плаќање на даноци“, кај индикаторот „Надворешна трговија“, кај индикаторот „Спроведување на договори“ и сите останати. Практично нема индикатор кај што немаме пад дали од неколку или од десетици места“, рече Арсовски и побара одговорност од премиерот Зоран Заев, од министерката Нина Ангеловска, од министрите Кочо Анѓушев и Бектеши и од советникот на Заев за економски прашања Љубе Бошковски.







