„Барам чист мандат за да се покажаме на економски план. Лично ќе се посветам на економијата. Затоа уште еднаш кажувам, двете работи што ќе бидат доминантни во следниот четиригодишен период се економија и севкупна трансформација на нашето општество“, истакна денеска претседателот на СДСМ, Зоран Заев пред почетокот на средбата со стопанственици во просториите на Сојузот на стопански комори на Македонија.
Заев посочи дека е економист, дека доаѓа од реалниот сектор, оти е практичар и во изминатите две и пол години успеале од негативни ставки на БДП од минус 1,8 да стигнат до 3,6, резултати кои можат да бидат уште подобри.
„Имаме квалитетни компании, инвентивни бизнисмени. Навистина сме пример за многу нешта во светот и сето тоа како потенцијал мораме да го искористиме, секако во чекор со современите технологии, дигиталните предизвици кои се појавуваат пред нас и сето тоа што претставува предизвик на новото време. Но, и таа севкупна трансформација е заради економијата. Граѓаните кога бараат правна држава бараат од аспект дека тоа го подобрува економскиот живот, кога бараат подобро образование, тоа е пак заради економија. Се е економија“, рече Заев.
Стадиумот до кој, според Заев, стигнала нашата земја, е да зборуваме за економијата заради што верувал дека ќе бидеме паметни, пред се политичарите на големите политички партии. во периодот што претстоел ќе зборувале за економијата, идеите, моделите, инвентивноста, кој колку повеќе ќе бил покреативен. Тој верува дека тоа ќе направело дополнителен притисок за идните имплементации на економските мерки што ќе произлезеле од тие што ќе ја добиеле власта.
Заев потенцираше дека со Сојузот на стопански комори состаноците секогаш биле квалитетни и дека бил даден одговор на 78 економски мерки на Сојузот, со напомена дека 29 биле решени прашања, 16 биле почнати да се решаваат, а 13 биле во надлежност на општините и други институции и веќе биле „адресирани“.
„Сојузот на стопански комори е една од најзначајните комори во земјава и нивните идеи сакаме да ги вградиме во нашите политички програми. Научивме многу од соработката со ССК, затоа и сега подготвени сме да ги слушнеме сите нивни идеи и истите да ги ставиме во нашата програма“, додаде Заев пред денешната средба со деловната заедница.
Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска истакна дека нивните барања се многу и ниту едно од нив не е едноставно, за да може сега да се елаборира. Посочи дека остануваат предизвиците кои им се проблем во последните 30 години.
Еден од тие предизвици, нагласи, е немање на систем за владеење на право, нешто кое треба од корен да се зафати и да се изработи да биде во делот на тоа кое е барање не само на приватниот сектор, туку и на секој еден граѓанин кој сака да живее и да работи во државава.
„Доколку немаме ефикасен систем, ништо не функционира. Тоа е клучно барање, во делот на оние останатите кои се во линија со него. Треба да се реши и сивата економија, да се воведе ефективна администрација која треба брзо да ги исполнува барањата на стопанствениците и на граѓаните, воопшто. Секое непостапување значи губење на драгоцени средства, а во економијата времето некогаш значи многу“, рече Арсовска.
Според неа, бројни биле предизвиците со кои се соочуваат.
„Европската унија е патот кој сите го сакаме и посакуваме. За да стигнеме до неа треба да имаме функционалност на институциите и да имаме владеење на правото. Се треба да функционира беспрекорно, да имаме зголемување на животниот стандард и да имаме природно зголемување на платите, се она кое и треба на една современа држава која се наоѓа во срцето на Европа“, додаде Арсовска.







