Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) со 250 краткорочни набљудувачи на денот на изборите, но и со претставници на парламентарните собранија на ОБСЕ и Советот на Европа, како и свои долгорочни набљудувачи ќе ги набљудува претстојните предвремени парламентарни избори на 12 април.
„Нашите набљудувачи ќе ја следат секоја од фазите на изборите пред, во тек, па накусо и по завршувањето на изборите. Ќе ја набљудуваат кампањата, ќе го оценат законодавството, спроведувањето на изборите со сите чинители, политичките партии и нивните преставници, граѓанскиот сектор, но и судството кое е важно за процесот на поплаки околу изборите“, рече на денешната прес-конференција Тана де Зулуета, шеф на Набљудувачката мисија за избори на ОДИХР.
Таа најави дека ќе се врши мониторинг на медиумите како активност која редовно се спроведува и ги опфаќа телевизиите, печатените и онлајн медиумите.
Ќе го оценуваме, рече таа и отстапеното време, но и квантитативните и квалитативните параметри.
Де Зулуета одговарајќи на прашање во врска со неодамна донесените измени на Изборниот законик посочи дека е прерано да ги коментира, но потенцира дека во нив само дел се однесуваат на препораките изминатите препораки на ОБСЕ – ОДИХР во врска со изборниот процес.
Таа запрашана кавка порака би испратила до учениците во изборниот процес, истакна дека улогата на Мисијата не е да насочува или советува, туку да набљудува.
Потоа од тоа набљудување, ќе дадеме препораки кои треба да бидат прифатени и имплементирани.
Во врска со можноста лажните вести да влијаат на изборниот процес, Де Зулуета истакна дека тоа е проблем со кој се соочуваат сите земји и проблем нотиран во сите избори кои ги набљудувала.
„Тенка е линијата меѓу пропагандата и намерната манипулација на информациите“, рече таа.
Свеста на граѓаните и нивните одлуки, додаде Де Зулуета, зависат од квалитетот на информациите што ги добиваат.
Мисијата во земјава веќе набљудувала 18 избори, овие ќе бидат 19-ти.
Ќе објави периодичен извештај за својата работа пред гласањето, а ден
по изборите ќе објави прелиминарни наоди и заклучоци.
Подоцна по завршување на изборите се очекува и конечен извештај во кој ќе бидат содржани препораки, кои како што рече, се надева дека ќе бидатземени предвид од властите во земјава со цел подобрување на сите
натамошни изборни процеси.







