Aрсовска го разреши секретарот на град Скопје заради корупција, тој негира

LinkSense.mk

Од функцијата Секретар на град Скопје е разрешен Ѓоко Велковски, а причина за разрешувањето е неговото влијание во тендерска постапка за изведба на пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра, средства кои се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ.

Разрешен е и в.д директорот на ЈП Водовод и Канализација-Скопје, Златко Перински, поради обиди за влијание и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионскиот тендер.

„Градот Скопје нема да дозволи расипничко трошење на парите на скопјани, ниту финансирање на лични и теснопартиски интереси. Скопје е град на сите скопјани“, велат од градот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска преку партиско соопштение го објави ставот на Велковски. Тој вели дека одлуката да ја напушти позицијата секретар во Град Скопје ја донел сам, поради разочараност од слабиот потенцијал на градоначалничката Арсовска.

„Како човек кој секогаш одговорно и професионално си ги извршувал своите работни задачи морам да потенцирам дека за мене беше вистински предизвик да бидам на позицијата генерален секретар на Градот Скопје, особено што тоа е место каде човек може вистински да се вгради во развојот и Скопје и да работи на вистинско решавање на бројните проблеми на скопјани. На ова место дојдов со ентузијазам и план да воспоставиме вистинска работна пракса и да ги покренеме процесите кои повеќе години претходно беа заглавени и далеку од потребното ниво. Со оглед на тоа што на оваа позиција дојдов откако претходно бев избран за советник во општината Чаир, кое е местото каде што живеам и каде што, исто така, имам обврска да придонесувам, барав Државната комисија за спречување на корупцијата да се изјасни за таквата ситуација. Таа овие денови ме извести дека ќе морам да се определам за една од тие две позиции, при што јас донесов одлука да си заминам од позицијата генерален секретар на Град Скопје и да се посветам на советничката функција каде сум избран од граѓаните на Чаир. Оваа моја одлука ја донесов и поради фактот што сум разочаран од слабиот потенцијал за работа и несоработката од градоначалничката Арсовска во реализацијата на капиталните проекти за градот Скопје“, објаснува Велковски.

Ветувањето кон скопјани беше модерна метропола, а резултатите да бидат брзи и сигурни, додава тој.

„По речиси една година во Градот можам да кажам дека таму има поединци и професионалци вработени во градот кои со децении придонесуваат за развој на градот и им благодарам за соработката, пожртвуваноста и нивниот придонес. Но воедно залуден е мојот и нивниот ентузијазам кога Арсовска покажува затвореност, поинакви приоритети од ветените, слаба динамика во темпото на реализација додека проблемите се наталожуваат. Во таква една ситуација развојот на градот Скопје не е можен, иако граѓаните со право очекуваа по нејзиното стапување на функција многу повеќе. Сакам да посочам дека јас ќе продолжам да придонесувам за Скопје од позицијата советник во Општина Чаир, останувам и посветен на мојата ВМРО-ДПМНЕ и членовите на Општинскиот комитет Чаир кој го предводам, благодарам за укажаната доверба и поддршката од сите мои пријатели и соработници, на поддршката од мојата партија и претседателот Мицкоски со кој продолжуваме да го остварувамe она што неминовно ќе мора да се случи за да Македонија се крене, промени за сигурна иднина“, вели Велковски.