CommonPass сертификатот за вакцинираност достапен и за македонските граѓани

За граѓаните на Македонија од вчера е достапна апликацијата за CommonPass сертификат за патување во странство. CommonPass е унифициран дигитален сертификат кој се презема од апликација од Google Play Store/App Store, со кој се потврдува вакциналниот статус на секој граѓанин.

Со овој сертификат во моментот може да се патува најчесто во САД и Канада, каде се користи најмногу.

Покрај патувањето и доказ за вакцинација, со CommoPass граѓаните во овие земји можат непречено да се движат и функционираат во услови кога има одредени рестрикции и забрани за невакцинираните.

За преземање на овој сертификат граѓаните треба да се најават на веб-страницата vakcinacija.mk , во својот личен профил можат да го најдете нациналниот сертификат издаден од Министерството за здравство со QR код за примена вакцина. Системот потоа дава опција за внесување на број на валидна патна исправа. Откако ќе се внесе бројот на пасошот, се креира автоматски CommonPass, а за да се креира дигитален CommonPass, достапен секогаш на паметен телефон, треба да се преземете мобилната апликација „CommonPass“ oд Google Play Store/App Store. По симнување на апликацијата таа ќе побара да се внесе следниот активациски код: CPNMKD, а потоа апликацијата ќе побара да се скенира QR кодот од CommonPass сертификатот, кој веќе граѓаните го имаат симнато на компјутер.

Министерството за здравство им нуди повеќе опции на вакцинираните граѓани за патување во странство, освен националниот сертификат со QR код, сега имаат можност да патуваат во САД и Канада и со CommonPass, а веќе од следната недела ќе биде достапен и Зелениот пасош за патување во ЕУ.

Како што укажуваат независно од сите сертификати кои ќе бидат обезбедени за нашите граѓаните, секоја земја согласно епидемиолошката состојба има право да воведе дополнителни рестрикции за влез или движење.

Здравствените власти и понатаму апелираат да се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 и граѓаните да се вакцинираат.

Досега во земјава се вакцинирани вкупно 519.106 лица. Според податоците од Министерството за здравство, во земјава вкупно се аплицирани 920.442 дози вакцини, а ревакцинирани се 401.336 граѓани.

Една доза вакцина имаат примено 64 проценти од населението над 70 години, 62 отсто од лицата над 65 години, 57 проценти од оние над 60 години, како и 45 отсто од жителите над 50 години, информираат од министерството.

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите низ државата, а непречено се одвива и процесот на теренска вакцинација со ротации на медицинските екипи во руралните населени места. За закажување за вакцинирање на деца отворен е сајтот vakcinacija.mk.