„Светот е поблиску од кога и да е локалниот конфликт да стане светска војна“, изјави денеска унгарскиот премиер, Виктор Орбан, за јавното радио.
„Водачите на западниот свет ‘зафатени се од воена треска’, држат говори во кои повикуваат на победа во војната, и испраќаат сè поопасно оружје во Украина“, рече Орбан во интервјуто.
„Наместо едногласно да се промовира мир, светот е поделен“, посочи Орбан.
Турција и арапските држави, Кина и африканските земји сакаат прекин на огнот и мировни преговори, смета тој. Во исто време, Унгарија е „во основа единствената“ европска земја која е за мир, заедно со Ватикан.
„Државите кои се за војна, мотивирани се од деловни шпекулации, размислувања за одбранбената и економската политика и калкулациите за повоените предности, исто како и од посветеноста на начелата и религијата“, смета Орбан.
„Унгарија мора да има силна армија и истовремено да промовира мир“, рече тој.
Земјата, посочи унгарскиот премиер, може да се брани ако нејзините граѓани ја сакаат својата татковина и се подготвени да ја бранат во време на неволја, а не да бегаат од неа.
„Тоа што сме за мир не значи дека треба да бидеме беспомошни.
Аргументот на Унгарија за мир не доаѓа од слабост“, нагласи шефот на унгарската влада.
Левичарските партии, вели, се за војна, и „се додека се финансираат од странство“, се очекува така да остане.
„Војната е алатка за реструктуирање на моќта во Европа“, додаде Орбан.
Во минатото, рече, САД директно не се мешале во обликувањето на европската политика, но тоа се променило со војната во Украина и сега тие предводеле „провоена коалиција“ зад Украина.
„Американците стојат зад херојската борба на Украинците, што не ја намалува вредноста на херојството на Украинците, но вистината е дека Украина може да ја продолжи борбата само се додека САД велат ‘да’, посочи Орбан.
„Кога САД ќе кажат ‘не’, ќе има прекин на огнот“, додаде тој.
„Доналд Трамп, кој планира повторно да се кандидира за претседател на САД, сака прекин на огнот, така што исходот од изборите во САД во 2024 година ќе има директно влијание врз тоа дали војната ќе продолжи или дали ќе има прекин на огнот и мировни преговори“, заклучи Орбан.
(Фото: Мичел Грубер)







