Американскиот амбасадор во Берлин, Ричард Гренел ја критилуваше денеска германската влада дека во дебатата за можното учество на кинескиот „Хуавеј“ во изградбата на 5Г мобилната мрежа во Германија ги навредила Соединетите Американски Држави.
Гренел остро реагираше на изјавата на министерот за стопанство Петер Алтмаер кој вчера во една емисија направи паралела меѓу САД и Кина.
Алтмаер рече дека германската влада, после скандалот со прислушкувањето во кој американската тајна служба НСА ги шпионирала германските политичари, поради бојкот не разгледувала ниту една понуда од американските технолошки фирми.
„Најновите изјави на високите претставници на германската влада, дека САД можат да се споредат со Комунистичката партија на Кина, се навреда за илјадници американски војници кои придонесоа за тоа да се гарантира безбедноста на Германија, како и милиони Американци кои се залагаат за силен западен сојуз“, рече денеска Гренел.
Освен тоа, смета тој, овие изјави ги навредуваат и милиони Кинези „на кои им се скратуваат основните слободи и кои Комунистичката партија на Кина неправедно ги апси“.
САД веќе подолго време вршат притисок на Германија и други европски земји за да спречат кинескиот технолошки концерн „Хуавеј“ да учествува во изградбата на новата генерација дигитална комуникациска техника, наведува Франфуртер Алгемајне Цајтунг.
Една од заканите е и тоа дека би се ограничила соработката меѓу тајните служби и размената на информации, меѓу останатото и за можните терористички активности.
Во меѓувреме повторно се огласи Алтмаер, кој на прашање на сајтот „Политико“ на маргините на технолошката конференција во Берлин, рече дека е „многу вознемирен“ заради, како што истакна, погрешното толкување на неговата изјава.
„Ниту на кој било начин не сакав државите кои не го почитуваат владеењето на правото да ги ставам на исто рамниште како демократиите кои го почитуваат владеењето на правото како што се Соединетите Американски Држави. Напротив“, посочи Алтмаер.







