Општина Охрид спротивно од укажувањата на два државни инспекторати, за градежништво и за животна средина, тврди дека хотелот во Лагадин е легален.
Од локалната самоуправа инфораат дека постапката за донесување на Општиот акт за Лагадин и издавањето на одобрението за градба на хотелскиот комплекс биле водени во законска процедура, според Законот за градење и Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Минатата година, се наведува во реакцијата од Општината Охрид, ја информиравме јавноста во врска со плановите за изградба на хотел во Лагадин, кога и јавно ги презентиравме сите документи кои се составен дел од постапката.
Општинарите реагираат откако пред два дена граѓанската асоцијација „Охрид СОС“ го објави решението на Државниот инспекторат за градежништво во кое се бара Општина Охрид да го поништи издаденото одобрение за градба на хотел во Лагадин.
Градежниот инспекторат констатирал повеќе неправилности во постапката за утврдување услови за начинот на изградба на објектот, како и тоа дека Општината ја прекршила постапката за донесување на одобрението за градба.
Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина констатирал дека Охрид, усвојувајќи го Општиот акт за Лагадин ја прекршил својата законска обврска да спроведе постапка за оцена на влијание врз животната средина.
Со тоа Инспекторатот ги потврди констатациите дека објектот не смее да се гради на помалку од 50 метри од највисокиот водостој на езерото.
Двата инспекторати, заедно со Управата за заштита на културното наследство на 27 јануари извршиле инспекција на локацијата и ја претресле документацијата на Општината, по претставка на невладината „Охрид СОС“.
Борбата за поништување на решението за градба на хотелот во Лагадин, заедно со невладините организации ја водеа и сопствениците на имоти во Лагадин.
Општината Охрид, велат екологистите, со незаконското одобрение за градба усвои документ за кој не се одржа јавна расправа каде што би се чуле гласот и мислењето на засегнатите граѓани.








