Европската унија се подготвува да воведе царини за увоз на житарки од Русија и Белорусија за да ги смири земјоделците и некои земји-членки, објави денеска „Фајненшл тајмс“, цитирајќи извори запознаени со планот.
Се очекува Европската комисија во наредните денови да воведе царина од 95 евра по тон за житарките од Русија и Белорусија, се наведува во текстот на ФТ, додавајќи дека царини од 50 отсто ќе бидат воведени и за маслодајните семиња и производите од нив.
Ваквата одлука се донесува по протестите на земјоделците ширум Европската унија кои бараат промени во ограничувањата кои им се поставени во рамките на Зелениот план за решавање на климатските промени и повторно воведување царини за увоз на земјоделски производи од Украина, кои беа укинати по руската инвазија во 2022 година.







