Во пожарите кои беснеат во Австралија загина уште едно лице, со што бројот на жртвите се зголеми на четири.
Властите предупредуваат дека временските услови ќе бидат уште полоши.
Телото на четвртата жртва е пронајдено доцна синоќа во запалената шума во близина на местото Кемпси, на североистокот на Нов Јужен Велс, соопшти полицијата.
Се верува дека станува збор за 58-годишен маж кој живеел во куќа во тој крај и кој не бил виден од минатиот петок, од кога во пожарите ширум Нов Јужан Велс загинаа три лица, додека 150 куќи се целосно уништени.
Во моментов, во Нов Јужен Велс активни се 60 пожар, од кои 27 не се под контрола, против кои се борат повеќе од 1.000 пожарникари.
Шефот на противпожарната служба Роб Роџерс изјави дека вчера состојбата била подобра, предупредувајќи дека од утре се очекуваат повисоки температури.
Властите во австралиските држави Квисленд и Нов Јужен Велс, пред три дена прогласија вонредна состојба заради пожарите кои избија во текот на викендот.
Во текот на сувите летни сезони пожарите се вообичаени, а најлоша огнена стихија ја погоди Австралија во 2009 година кога настрадаа 173 лица, а 414 беа повредени.
(Фото: АП)







