Велика Британија ќе испрати стотици нови дронови за напад со голем дострел од над 200 километри во Украина, соопшти владата денеска откако претседателот Володимир Зеленски пристигна во државата на разговори со премиерот Риши Сунак.
„Денеска премиерот ќе го потврди натамошното обезбедување од Обединетото Кралство со стотици ракети за противвоздушна одбрана како и стотици нови дронови за напад со дострел од над 200 километри“, се вели во соопштението на владата.
„Сите тие ќе бидат испорачани во текот на следните месеци додека Украина се подготвува да го засили својот отпор кон тековната руска инвазија“.
„Денес – Лондон.Обединетото Кралство е лидер кога станува збор за проширување на нашите можности на земјата и во воздух“, објави Зеленски на својот Твитер.
„Оваа соработка продолжува и денес. Ќе се сретнам со мојот пријател Риши (Сунак). Ќе водиме суштински преговори лице в лице и преку делегации“, додаде тој.
Да потсетиме, Обединетото Кралство и достави на Украина неколку крстосувачки ракети (Storm Shadow), кои на Украина и обезбедија нова способност за напад со долг дострел.
Сето ова доаѓа во пресрет на долгоочекуваната украинска контраофанзива. Зеленски последен пат беше во Лондон во февруари кога се сретна со кралот Чарлс Трети. Тогаш украинскиот лидер се обрати и пред парламентот во Вестминстер хол.







