„Гео Баренц“, хуманитарен брод на „Лекари без граници“, вчера спаси 440 мигранти од чамец кој пловел во меѓународните води во близина на Малта, соопшти невладината организација.
„После повеќе од 11 часа операција, спасувањето е завршено и вкупно 440 луѓе, меѓу кои 8 жени и 30 деца, сега се безбедни на бродот ‘Гео Баренц’ и се згрижени од медицинскиот тим“, напишаа денеска „лекарите“ на Твитер, објавувајќи и фотографии од спасувањето.
Хуманитарниот брод, додека барал засолниште од невремето во Средоземното Море, добил повик за спас и го сменил курсот за да може да помогне, извести невладината организација.
„За жал, временските услови не дозволија нашата екипа веднаш да започне со спасување, не сакајќи да ги загрози животите на луѓето и тимот на ‘Лекари без граници’“, додаваат од организацијата.
Информираат, меѓу другото, дека утрово во 4 часот, по 10 часа пловење во немирно море, нивниот тим стигнал до бродот на кој му била потребна помош.
Италијанските власти во февруари годинава не дозволија хуманитарниот брод на „Лекари без граници“ да исплови под обвинение дека ги прекршил новите правила за спасување мигранти.
Податоците на италијанското Министерство за внатрешни работи покажуваат дека од почетокот на годината во Италија пристигнале над 14.000 мигранти, а во истиот период лани имало нешто повеќе од 5.300, а во 2021 година 4.300.
(Извор/Фото: МИА)







