Во пресрет на Советот на ЕУ во Брисел што треба да се одржи денеска и утре, бугарски официјални лица уште еднаш ја потврдија позицијата кон Северна Македонија со што останува ветото на процесот на пристапување на земјава во ЕУ.
Бугарскиот претседател Румен Радев вчера изјави дека е задоволен што европските лидери „конечно разбрале каде е вистинскиот проблем со Северна Македонија“ и оти сите обиди да се изврши притисок врз Софија се контрапродуктивни.
– На сите европски совети – од мај, разговарав со секој европски лидер на тема РС Македонија. Сакам да им се заблагодарам, бидејќи по втор пат темата е надвор од дневен ред. Нашите партнери конечно разбраа каде е вистинскиот проблем. Проблемот длабоко влијае на основата на самата ЕУ – човековите права и недискриминацијата, изјави Радев кој во Брисел ќе учествува на самитот на лидерите од ЕУ.
Радев истакна дека Софија ќе продолжи да ја брани својата позиција, не само историјата, посочувајќи оти главен приоритет е почитувањето на човековите права на луѓето со бугарски идентитет.
– Не даваме рокови. Овој процес не е воден од рокови, туку од резултати, рече Радев. Според него, сите обиди за притисок врз Бугарија се контрапродуктивни.
И потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова не гледа основа и нови факти кои би ја промениле бугарската позиција кон Република Северна Македонија. Најважно, според неа, е да се изготви патоказ што да се прави отсега натаму на билатерален план, и дека ќе се разгледуваат нови предлози од европските партнери.
Бугарија, ќе ја чека одлуката на Република Северна Македонија, бидејќи нејзиниот премиер поднесе оставка, и ќе се разгледаат новите предлози од европските партнери, вели Јотова, според која, сепак, нема да се понуди ништо ново.







