Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека обидите на Барбов, Филипче и Заев да се дистанцираат од случајот со Ива Михаилова отвораат дополнителни прашања за постапувањето и донесените медицински одлуки. Од партијата посочуваат дека изјавата на докторот Барбов дека не знаел за каква сообраќајна несреќа станува збор, но знаел дека Михаилова има бугарско осигурување, отвора дилеми за околностите во кои бил воден случајот.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат одговори како е можно невролог да дава мислење за хируршки интервенции и врз основа на што била дадена конзилијарна препорака, доколку пациентката не била упатена на лекарски конзилиум и не поднела барање за такво мислење.
Од партијата прашуваат и зошто, по претрпената траума, Михаилова не била упатена на соодветен преглед кај неврохирург или трауматолог. Дополнително, од ВМРО-ДПМНЕ отвораат прашање дали при упатувањето на лекување во Бугарија имало обид случајот да се затвори набрзина, поврзувајќи ги овие околности со Заев и Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ посочува дека билатералната соработка меѓу Македонија и Бугарија во областа на здравственото осигурување не подразбира произволно постапување, туку јасно утврдени правила за тоа во кои случаи пациентите можат да добијат медицинска грижа или лекување во друга држава. Според партијата, потребно е да се разјасни дали при упатувањето на Михаилова во Бугарија биле почитувани сите пропишани процедури и надлежности.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Барбов, Филипче и Заев да дадат конкретни одговори за своите постапки, улоги и одлуки во случајот со Ива Михаилова, наместо, како што велат од партијата, да се обидуваат да се оправдаат преку јавни изјави.







