„Зоран Заев вчера на странска телевизија ги кажа прашањата кои одлучил да ги постави на референдум на којшто македонските граѓани треба да се изјаснат за сопствената иднина. Тоа не го стори на македонската телевизија или на некој од македонските национални медиуми, туку на грчката национална телевизија“, обвини денеска на прес конференција Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Зоран Заев без никаква консултација со претседателот на Република Македонија или со ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија побрза да ја информира грчката јавност за детали од референдумот на којшто ќе гласа македонскиот народ. Повеќе од очигледно е дека на Заев не му е важен ниту националниот консензус околу ваквите суштински теми, ниту му е важно што мислат граѓаните во земјава. На Зоран Заев му е важно само да го испорача тоа што го ветил без разлика на цената што ќе ја плаќаме сите, вклучително и идните поколенија“, рече тој.
Мисајловски на крајот додаде дека уште потрагично е тоа што Заев ја смирувал грчката јавност објавувајќи ја манипулацијата што ја смислил, а тоа е поврзување на членството во ЕУ и НАТО со комплетно обезличување на македонскиот народ.







