„Остана уште помалку од еден месец до потпишувањето на договорот со Бугарија, кој Заев во Софија го најави со бугарскиот премиер Бојко Борисов, а македонскиот народ нема никаква информација што содржи истиот тој договор, се наведува во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев многу одамна рече дека е подготвен да ја свитка кичмата на македонецот.
„Македонскиот народ има право да знае какви отстапки направил Заев, бидејќи експертите од Бугарија протолкуваа дека со договорот се става крај на македонизмот, а сиот овој атак не само што не беше демантиран, туку беше премолчен од институциите предводени од СДС.
Поддржувачите на СДС излегоа со срамни изјави по социјалните мрежи згрозувајќи ја македонската јавност.
„Поетесата Катица Ќулавкова, која е член на МАНУ, наместо да реагира во заштита на државните интереси се потсмева со вознемиреноста на охриѓани од бројните земјотреси предвидувајќи дека ако Охрид го срамнел земјотрес тоа ќе бил знак дека сме Бугари.
Ќулавкова со своите постапки и изјави изминатиов период докажа дека подобро ја врши функцијата на партиски војник на СДС отколку на академик кој треба да даде придонес за државата.
„Затоа Божидар Димитров, директор на Националниот Историски Институт од Бугарија изјави дека во МАНУ седеле луѓе на кои кога ќе им дадеш пари и ќе се пишат Бугари, па затоа не ги коментираат, ниту пак имаат став по однос на договорот со Бугарија. Истите според Димитров биле исплашени од Заев и заради лични интереси не смееле ниту да помислат да се спротивстават.
ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудува ваквите антимакедонски ставови и го повикува МАНУ да реагира. МАНУ мора да излезе со став и околу договорот кој Заев има намера да го склучи со Бугарија.
Молкот на МАНУ за вакви суштински прашања, отвора простор за нови напади и нови омаловажувања.
ВМРО-ДПМНЕ го повикува и Министерството за надворешни работи да реагира бидејќи станува збор за угледот државата и на врвната научна институција.







