Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на седницата одржана на 29.07.2017 година, се осврна на се погласните шпекулации дека за време на чествувањето на македонскиот национален празник Илинден ВМРО-ДПМНЕ наводно ќе организирала инциденти и насилства.
Оттука, ЦК на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука јавно да ги повика членовите и поддржувачите на партијата овој пат да се воздржат од присуство на настаните кои ги организира Владата на СДС, а со цел да не бидат со умисла и со подготвено сценарио испровоцирани и навлечени на реакција, а потоа и обвинети дека предизвикале инцидент или насилство, велат во соопштение за јавност од таму.
Доколку некои сепак одлучат да присуствуваат ги повикуваме да бидат крајно воздржани на можни провокации и да не дозволат да бидат вовлечени во можни исценирани инциденти.
Секако, ВМРО-ДПМНЕ ќе најде начин со соодветен чин да изрази почит и да го одбележи херојството на нашите предци во нивната борба и лична жртва за слободна, независна и демократска Република Македонија.







