Врз разладните системи на трговските синџири „Едека“ и „КАП“ во Германија беа извршени хакерски напади, јавија локалните медиуми.
Ова се првите случаи во Германија, откако претходно кибер-напади пријавија продавници во низа европски земји.
Супермаркет на „Едека“ во градот Рајсбах, во сојузната покраина Баварија, соопшти дека за време на викендот температурата во неговите ладилници се искачила до 50 степени Целзиусови. Персоналот на продавницата се обидел да спаси дел од прехранбените производи и да ги подели, но огромно количество храна морало да биде фрлено.
Супермаркетите „КАП“ во Вупертал, сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, исто така соопштија дека синџирот бил изложен на „надворешен напад“. Температурата во ладилниците на продавницата исто така се искачила, што наложило уништување на производите. „КАП“ е познат во Германија по тоа што целно обезбедува работа за лица со попреченост.
Нападите врз разладните системи започнаа во октомври во Франција со напади врз голем број големи синџири супермаркети како „Карфур“, „Интермарше“ и „Марше У“.
Фото: МИА







