Хрватска и Словенија се како размазени деца – коментираат германските медиуми, додека се повеќе се разгорува судирот на двете држави после одлуката на Арбитражниот суд за границата.
Додека Словенците секој час го испраќаат воениот брод „Триглав“ да го преплови Пиранскиот залив, хрватските рибари се се почесто цел на словенечката полиција која ги спречува во риболовот.
Официјална Љубљана тврди дека хрватските рибари ги провоцираат кога ќе отидат до половината на заливот, кој со одлука на арбитражните судии и припадна на Словенија.
Од друга страна, Загреб не сака ни да слушне за „нова граница“.
Моментно двете држави подготвуваат протест ни ноти една на друга. Во хрватската ќе пишува дека треба да се придржуваат до граничната линија која постоеше и во поранешна Југославија. А, Словенците тврдат дека после одлуката во Хаг тоа повеќе не важи и дека Хрватска мора да ги почитува новите околности. Набљудувачите велат дека се е добро додека ситуацијата во рацете на дипломатијата, но дека секој час може да се случи сериозен инцидент.
Во Словенија и понатаму владее посебна еуфорија после пресудата во Хаг, а се подготвува и формирање на посебна комисија која ќе се грижи за спроведување на арбитражната спогодба.
Словенечкиот премиер Миро Церар, после обиколката на Словенците кои им „припаднаа“ на Хрватска, на копнениот дел од границата патетично порача: „Словенците на Словенија!“
Хрватските рибари речиси дека се очајни, затоа што можат да згубат вносни бизниси, а изминативе години купуваа нови бродови и рибареа во Пиранскиот залив. Сега се плашат дека ќе имаат работа со словенечката полиција, која во голема мера ги зазема сите места на словенечката страна на брегот и чека расплет на ситуацијата.
Бродови испратија и Хрватите, но за сега тие се во околните пристаништа. Тоа значи дека е препуштено по пат на политика да се дојде до решение.
Австрија и Германија и замеруваат на Хрватска што се повлече од арбитражата кога беше извесно дека ќе ја загуби.
„Тоа е по она да се признаат пресудите само кога вам ви одговара“, пишува австриски „Стандард“.
Во Хрватска луѓето се лути поради одлуката за Пиранскиот залив, но и во Словенија фрчат критики, затоа што таа земја остана покуса за многу важни барања, што би можело да биде добра основа за договор меѓу двете земји, пишува Дојче веле и констатира дека „катастарското решение“, кое во овој спор го наметна Хрватска ќе биде од исклучително значење за одредување на границите на таа земја и Србија.
Иако арбитражната одлука и во Хрватска и во Словенија во прв момент е протолкувана како голем триумф на Словенија и тежок пораз на Хрватска, подетален увид во одлуката открива дека ситуацијата сепак не е така црно-бела.
Кога станува збор за најважното прашање, излезот на Словенија на отворено море околу што ставовите беа потполно поделени, арбитражниот суд ја дефинираше словенечката врска со отворените води.
Но, тука е и, како што се наведува, една клучна одредба поради која и Словенците се лутат: судот не и додели на Словенија територијален излез на отворено море, иако тоа беше клучно барање поради кое Љубљана кон крајот на минатата деценија тргна во блокада на Хрватска која е завршена со договор за арбитража.
Словенечката врска со отвореното море, широка 2,5 и долга 12 наутички милји, ќе и осигура на Словенија слободен комуникациски режим, што уклучува слободна пловидба и прелети.
Но тоа подрачје останува хрватско територијално море, само што е хрватскиот суверенитет на тој дел од морето ограничен.
Хрватска и понатаму е должна да одговори на повиците за помош на тоа подрачје, а словенечката страна таму нема да смее да рибари, ниту економски да го експлоатира поморјето.
Ситуацијата во врска со разграничувањето по кое само една четвртина од Пиранскиот залив и припадна на Хрватска, неповолна е за Загреб. Но ако се земе во обзир дека Хрватска го добила левиот брег на Драгоња, како и Света Гера и подрачјата на левата страна на Мура, тогаш е тешко да се каже дека арбитражата на Словенија и додели се, а на Хрватска ништо.
Аналитичарот Давор Џенеро, долгогодишен хроничар на хрватско-словенечките односи, смета дека одлуката на арбитражниот суд во најголема мера е урамнотежена, особено кога станува збор за границата на копно.
„Освен разграничувањето во Пиранскиот залив, не гледам ниеден сериозен проблем во арбитражната одлука“, изјави за Дојче веле Џенеро, кој смета дека арбитрите својата работа ја одредија на пропишан, законски начин и во склад со својот мандат.
Станувало збор, според Џенеро, за соломонско решение, кое било, како што му се чинело, копија на режимот каков што постои кај Гибралтар.
„Не знам кој би можел во Хрватска да има проблем со вакво решение, освен оние кои сакаат да прават проблеми“, оценува Џенеро кој смета дека кога е збор за границата на море, ова решение е поурамнотежено за Хрватска од спогодбата Рачан – Дрновшек.
На дијалог меѓу Загреб и Љубљана повикува и европарламентарецот Иван Јаковчиќ, кој исто така смета дека арбитражната одлука може да биде појдовна точка за конечен билатерален договор за граничниот спор. Јаковчиќ потсетува дека словенечката страна не постигнала ниту една од своите почетни цели, затоа што го сакаше цел Пирански залив и територијално море до отвореното море, што не го доби.
„Ги сакаа и селата над реката Драгоња, односно каналот Св. Одорико. Но, тоа не го добија. Сметам дека тоа е основа за конечен договор“, нагласува Јаковчиќ.
Тој исто така ги поздравува одмерените изјави на претставниците на хрватската и словенечката влада кои им помагаат на луѓето кои живеат долж границата.
„Оваа одлука во овој момент не ја обврзува Хрватска, но сигурно може да помогне да се пронајде конечно речение и во тој контекст дијалогот нема алтернатива“, порачува искусниот истарски политичар, кој до сега покажа непогрешлив инстикт кога се работи за хрватско-словенечките односи.
Дали разумот сепак ќе ги победи емоциите, дали ќе има спектакуларни поместувања ќе дознаеме наскоро, на 12 јули, кога во Љубљана, прв пат после објавата на арбитражната одлука, се состануваат хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и неговиот словенечки колега Миро Церар.









