Германија усвои нацрт закон со кој се бара од компаниите кои произведуваат пластични производи за еднократна употреба да уплатуваат пари во фонд со кој ќе управува државата. Се очекува дека ќе бидат обезбедени 450 милиони евра годишно.
Ова, според предвидувањата, ќе ги покрие трошоците за чистење на ѓубрето на јавни места.
Со законот финансиски ќе бидат погодени компаниите кои произведуваат цигари, пластични чинии, амбалажа за храна и пијалоци…
Министерката за заштита на животната средина, Штефи Лемке, истакна дека во Германија моментно речиси сите ги сносат трошоците за чистење на смет, но дека наскоро овие трошоци првенствено ќе ги сносат оние чиј бизнис е поврзан со пластика.
Законот треба да стапи на сила во 2025 година.
Во Европа годишно се произведуваат 60 милиони тони пластика, од кои само 30 отсто се рециклираат. Управувањето со пластичниот отпад варира од земја до земја, а Германија предничи во тој процес. Во оваа земја се рециклира 99,6 отсто од пластичниот отпад.
„Европскиот зелен договор“ предложи поодржливо управување со пластичниот отпад. Договорот вклучува директива која ги третира производите за еднократна употреба, која е на сила од 2019 година. Во него е предвидено земјите од Европската унија да почнат да ги применуваат одредбите две години по неговото усвојување. Од оваа година се санкционираат државите кои не го почитуваат. Ова ги тера да ги „избегнуваат“ овие производи и да најдат алтернативи. Освен тоа, мораат да се промовираат производи за повеќекратна употреба, до 2029 година ќе треба да се соберат 90 проценти од пластичните шишиња, одредена е минимална количина на пластика за шишиња која може да се рециклира, а купувачите мора да бидат информирани за штетноста на пластиката.







