Граѓаните на 15-ти октомври ќе одлучат дали ќе продолжи слободното паѓање или тоа ќе биде сопрено и ќе почне новата ера во Македонија, рече Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вчерашниот митинг во Гевгелија.
„Вашата одлука е многу важна, тоа не е само уште една обична одлука. Не гласаме само за нашите градоначалници, за нашите градови туку сите ние заедно ќе одлучиме каква ќе биде Македонија по 15-ти октомври.
„Вашата одлука е конечна. Вие го имате последниот збор за заедничката иднина, за иднината на нашите градови и за иднината на нашата држава, рече Груевски.
Ние знаеме како се создаваат модерни општини и современи урбани средини, ние планираме за наредните десет до дваесет години затоа што имаме идеи, имаме планови, имаме соништа и имаме нова ера која за сите ќе понуди подобри услови за живот.
„Ако можевме невработеноста во Гевгелија да ја намалиме за 62 отсто, новата ера нуди на Гевгелија нејзино натамошно намалување под десет отсто, како и многу проекти за подобар стандард и живот на сите граѓани, нагласи Груевски кој меѓу приоритетните проекти ги издвои новиот водоснабдителен систем, новата времена депонија, пуштање во употреба на пречистителната станица, уредување на коритото на Сува Река, поврзување на западниот булевар со Момински пат, доизградба на нови училници во гевгелиската гимназија и ОУ „Владо Катарнџиев“ изградба на браната Коњско и многу други.
Груевски вети и изгрдба на нов стадион и нова спортска сала во Гевгелија, како и забавен парк во Миравци.
Кандидатот за градоначалник на Гевгелија Иван Франгов од гевгеличани побара трет мандат, „не за да владе со нив и да јаде живи луѓе“, туку со неговиот тим да помогне во реализацијата на веќе започнатите и замислените нови проекти кои ќе создадат модерна европска Гевгелија.
Франгов вети дека ќе ја вложи сета своја позитивна енергија во создавањето на модерна Гевгелија.







