Генералното собрание на Обединетите нации со огромно мнозинство повика на прекин на повеќедецениското економско ембарго на САД врз Куба, при што 130 земји беа за резолуцијата, 25 воздржани, додека 17 земји, вклучувајќи ги САД и Израел, гласаа против.
Британските медиуми пренесуваат дека неколку западни земји, вклучувајќи ги Германија и Италија, за првпат по многу години беа воздржани за ова прашање.
Гласањето во ОН има политичка тежина, но само Конгресот на САД може да го укине ембаргото од ерата на Студената војна.
Генералното собрание на ОН, кое брои 193 членки, секоја година во изминатите три децении усвојуваше таква резолуција, освен во 2020 година за време на пандемијата на Ковид-19.
Американскиот претставник во ОН, Мајк Валц, по гласањето синоќа изјави дека е „задоволен што толку многу земји сега, вклучувајќи ги и големите економии како Кореја, Германија и други, го промениле својот став“.
„Дипломатијата бара време, но сега кога имавме тројно зголемување на бројот на земји што се промениле, очекуваме тој само да продолжи да расте“, рече Валц.
Тензиите меѓу САД и Куба во ОН ескалираа пред гласањето, а Валц го обвини кубанскиот дипломат во ОН, Рикардо Тур де ла Консепсион, дека вчера „нападнал американски дипломат“.







