Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ ја оцени како шпекулација идејата за двоен суверенитет како решение за косовскиот проблем, додавајќи дека такво нешто официјално не е предложена, но и дека тоа е неприфатливо за Србија.
Дачиќ за РТС изјави дека двоен суверенитет значи дека на северно Косово по 10 години ќе може да се одржи референдум.
„Ова решение подразбира дека Србија ќе го признае Косово, дека овој дел (северно Косово) ќе биде под влијание на двојниот суверенитет и дека во иднина некогаш треба да се одржи референдум. Ова за Србија е идеја што не е прифатлива, изјави Дачиќ.
Тој нагласи дека ова решение официјално никој не го изнел, додавајќи дека тоа не постои никаде во светот и дека не гледа зошто тоа би го прифатила Србија.
Дачиќ оцени дека Берлинскиот самит на 29 април, со германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и претставниците на Белград и Приштина, е свикан на огромното изненадување на Брисел.
„Многу земји не се задоволни што тој се одржува, како што се Австрија и Италија. Се играат геополитички игри, не само со Русија и Кина, туку и меѓу самите земји на Западот, смета Дачиќ.
Според него, не се очекува на состанокот во Брисел да биде даден предлог за решавање на проблемите во Косово, но се очекува дека ќе биде извршен притисок за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
„Од наша страна е јасно, потребно е да се укинат таксите. Веројатно ќе има притисок да се продолжи и без тоа и од Србија ќе се бараат одредени дополнителни отстапки, изјави Дачиќ.
Според него, првиот дел од состанокот во Берлин ќе биде посветен на регионални прашања, а вториот на дијалогот помеѓу Белград и Приштина.
„Коха Диторе“: „Двојниот суверенитет“ неприфатлив и за Косово и за Србија
Властите на Косово и на Србија се изјаснија против решение засновано на „двоен суверенитет“ во Косово, за кое што се шпекулира дека може да им биде предложено на двете страни на самитот што на крајот на месецов ќе се одржи во Берлин, пишува денеска весникот „Коха Диторе“.
Дијалогот меѓу Косово и Србија ќе биде во центарот на самитот на лидерите на балканските држави, чии домаќини ќе бидат германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.
Лидерите на двете најмоќни европски држави, пишува приштинскиот весник, се против решение со „корекција на границите“, но таа можност не ја исклучуваат Брисел и Вашингтон.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, косовските медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори, објавија дека Меркел и Макрон ќе предложат конечно решение кое ќе се фокусира на признавањето на косовскиот суверенитет, но и дека на Србија ќе ѝ биде признаен своевиден суверенитет над косовските Срби, посебно над православните верски објекти.
Меѓутоа, според „Коха Диторе“, ваквото решение во моментов не наидува на одобрување од државните врвови, ниту во Приштина, ниту во Белград.







