Министерката за образование и наука Рената Дескоска денеска по повод почетокот на новата учебна година ги посети основно училиште „Браќа Миладиновци“ и средното стручно училишта „Перо Наков“ во Куманово.
Дескоска до првачињата упати пораки дека ги чека убав деветгодишен период кој ќе го поминат, учејќи и другарувајќи, додека на наставниците им порача да ги изведат на вистинскиот пат.
„Министерството стои на располагање со сите расположливи капацитети и можности да им помогне на учениците да се вложат за квалитетно образование бидејќи тие се иднината на државата“, рече министерката.
Министерството, посочи, ќе има еднаков пристап кон сите, без оглед на тоа дали тие се раководени од градоначалници од власта или од опозицијата.
На учениците и родителите им се обратија и градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски и директорката, Марина Манојловска.
Министерката за образование го посети и средното училиште „Перо Наков“.
Во изјавата за медиумите Дескоска нагласи дека трендот на опаѓање на бројот на ученциите и бројот на деца во Македонија е загрижувачки.
„Се забележува опаѓање на бројот на деца кои што се запишуваат и во средното образование и покрај тоа што е задолжително средното образование, што укажува на трендот кој што постоел на иселување на млади луѓе од Македонија, семејства со деца во образовен процес. Се надеваме дека иселувањето на младите ќе запре. МОН ќе преземе реформи кои што ќе значат враќање на квалитетот на образование и правење на образовниот систем во Македонија атрактивен за учениците како би останале тука и би го продолжиле своето образование“, рече министерката.
Таа посочи дека на средбата со градоначалникот разговарале околу капиталните инвестиции што биле правени во општина Куманово и потенцира дека, досега, за жал МОН го оставило образованиот систем во Куманово без поддршка во делот на капиталните инвестиции.
„Најавувам како министер за образование дека целта на оваа Влада е да не прави разлика меѓу градоначалници од власта и опозиција, бидејќи интересот на децата треба да биде пред се и пристапот на помагањето на општините во капиталните инвестиции треба да зависи од состојбата во која се наоѓаат училиштата, а не од тоа кој раководи со општината односно кои се директорите на училиштата“, истакна министерката и потсети дека Министерството ќе даде одобрување за вработување во оние училишта каде има потреба без разлика кој е градоначалник, а кој е директор во тие училишта.







