Словенците и Хрватите се европски рекордери по уделот на граѓани кои инвестираат на турбулентниот криптопазар, биткоини и други криптовалути купуваат 16 отсто од Хрватите и 17 отсто од Словенците, што е речиси три пати повеќе од европскиот просек.
На трето место се 14 отсто од Чесите, додека во Германија само шест отсто од населението веруваат дека ќе се збогатат со „рударење“ со помош на интернет, а не со мотики и копачи.
Најмалку доверба во криптосветот (4 отсто) имаат Италијанците и Шпанците.
Европската комисија оваа пролет го спроведе првото истражување за финансиската писменост во ЕУ, кое откри дека нивото на финансиска писменост низ Унијата е ниско.
Приближно 18 отсто од граѓаните знаат сè за инфлацијата, инвестициите и ризиците што ги носат, за 64 отсто може да се каже дека имаат одредено средно знаење, а останатите 18 отсто не знаат ништо.
Хрватска има малку повеќе добро информирани луѓе – 20 проценти и малку помалку кои ама баш ништо не знаат – 16 проценти, а забележително отскокнува кон инвестирање во криптовалути и доверба во банките.
Секој петти хрватски граѓанин нема никаква заштеда и би останал без средства за живот доколку ги загуби редовните приходи. Од друга страна, нешто помалку од една четвртина од населението тврди дека со заштедата што ја имаат би можеле да го продолжат стариот живот најмалку шест месеци, па и повеќе.
И според едниот и според другиот одговор се меѓу најлошите во Европската унија.
Хрватите се крајно песимисти кога станува збор за староста и пензионирањето, а само шест отсто од граѓаните очекуваат удобен живот во пензија, додека за другите овој удел се движи од три отсто во Полска до 24 отсто во Данска.
Уште четвртина од Хрватите веруваат дека ќе живеат донекаде комфорно, додека сите други со загриженост гледаат на животот во својата старост.
Хрватска е на шесто од 27 места во рамки на ЕУ според нивото на доверба во советите на банкарите и финансиските експерти. Само по овој критериум предничат Финска, Чешка, Данска, Австрија и Португалија.
Инаку, секој четврти хрватски граѓанин има потрошувачки кредит, а секој десетти кредит со хипотека.
Со 56 проценти, Хрватите се пред просекот на ЕУ во користењето на онлајн банкарските услуги и мобилните плаќања.
(Извор: Вечерњи лист)







