„Да не гледаме назад кон минатото, да ги затвориме отворените прашања и да продолжиме заедно да се радуваме на заедничката иднина“, рече премиерот Зоран Заев на прес конференција откако на затворената седница на Комисијата за надворешна политика на пратениците им го образложуваше нацрт-договорот со Бугарија.
Заев се надева дека договорот би можел да биде потпишан на 1 август, во Црна Гора, каде Македонија е ко-домаќин на самитот на кој главен гостин ќе биде Мајк Пенс, потпретседателот на САД.
Премиерот до тогаш очекува да бидат надминати дилемите кои ги загрижуваат политичарите во земјава.
„Сè додека не се стави потпис на договорот, сите опции се отворени“, изјави Заев.
Тој оцени дека Договорот за добрососедски односи со Бугарија успешно ја завршил конститутивната фаза на денешната Комисија за надворешни работи.
„Тука ги слушнавме сите грижи околу него, но и позитивни ефекти. Нашата желба е да го потпишеме овој договор. Но не одлучува ниту еден поединец, туку Парламентот“, посочи Заев.
Македонскиот премиер оцени дека двете држави ќе работат заедно за националните интереси и за европската интеграција и дека овој договор ќе отвори нова ера на соработка меѓу Македонија и Бугарија во однос на патната инфраструктура, во размена на стоки и услуги.
„Нема дилеми дека се работи за две држави и за два народи. Отвораме перспектива на градење добри односи со соседите и стануваме пример за соработка во регионот. Ретки се случаите на постигнување договор помеѓу две држави, без притоа да не одлучуваат други“, рече Заев.
Премиерот потенцираше дека двете земји ќе се борат против национализмот и говорот на омраза и дека ова, ако се се заврши како што треба, ова ќе биде успех на сите претходни влади.






