Долниот дом на шпанскиот Парламент изутринава го ратификува Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО.
За ратификацијата на својот фејсбук-профил напиша шефот на дипломатијата Никола Димитров.
„Долниот дом во Мадрид, утрово го ратификуваше пристапниот НАТО протокол со 279 гласа ЗА и 1 глас против! Muchas Gracias! Следната и последна станица: Сенатот …“, напиша министерот за надворешни работи.
Шпанија е последната земја од членките на НАТО, која сè уште не го ратификувала Протоколот.
Процесот таму се одолжи поради изборите и формирањето на Владата.
Протоколот кај нас беше ратификуван со одложено дејство, заради распуштањето на Собранието и предвремените парламентарни избори.







