Претседателот на САД, Доналд Трамп, допатува вечерва во Хелсинки каде што за утре е закажан првиот официјален билатерален состанок со рускиот колега Владимир Путин, јави агенцијата АП.
Путин и Трамп ќе имаат прв билатерален состанок, затоа што претседателите на двете земји до сега се состануваа на маргините на разни светски собири.
Трамп по пристигнувањето за телевизиската мрежа Си-Би-Ес (ЦБС) рече дека Русија, Европската унија и Кина од различни причини се непријатели на САД.
„Мислам дека имаме многу непријатели. Мислам дека Унијата ни е непријател со тоа што ни го прави со трговијата… Русија ни е непријател на некој начин, а Кина ни е економски непријател. Но тоа не мора да значи дека тие се лоши, туку се конкуренти“, рече Трамп.
Тој денеска по доаѓањето од Шкотска во Финска на Твитер напиша дека се радува што утре се среќава со Путин. Меѓутоа веднаш додаде дека беа оглед на резултатите од разговорот ќе добие критики.
„За жал, без оглед какви ќе бидат резултатите од состанокот, ќе добијам критики дека не сум сторил доволно“, додаде Трамп кој во текот на вечерта не би требало да се појавува во јавност во Хелсинки.
Чарлс и Вилијам одбија средба со Трамп
Доналд Трамп пред Хелсинки престојуваше во официјална посета на Велика Британија каде разговараше со премиерката Тереза Меј и беше примен во градината на палатата Виндзор кај кралицата Елизабета Втора.
Според пишувањето на „Сандеј тајмс“ принцот Чарлс и неговиот син Вилијам одлучно одбиле да учествуваат во четиридневната британска турнеја на Трамп и така ја „присилиле“ кралицата Елизабета Втора таа сама да му биде домаќин на американскиот претседател. Принцовите рекле дека се зафатени со итни и неодложни работи и дека немаат време за средба.
А, според соопштението од Бекингемската палата, Трамп бил во посета на владата и според тоа ниту еден член на кралското семејство не е обврзан на средба со него.
Весниците пишуваат дека тој ден принцот Чарлс бил на деловен состанок, а принцот Вилијам играл поло натпревар во хуманитарни цели.









