По посредничката мисија во Русија и Украина, вчера доцна попладне францускиот претседател Емануел Макрон отпатува од Киев во Берлин за да ги извести германскиот канцелар Олаф Шолц и полскиот претседател Анджеј Дуду за резултатите. Во таа прилика Шолц порача дека Германија, Франција и Полска се обединети во целта да се зачува мирот во Европа.
„Нашата заедничка цел е да избегнеме војна во Европа“, рече Шолц.
Со него се согласи Макрон.
„Мирот и стабилноста на европскиот континент се нашиот трезор и сметаме дека е наша обврска да направиме се за да го зачуваме“, истакна францускиот претседател.
И полскиот шеф на државата изрази уверување дека е можно да се избегне војна меѓу Русија и Украина. Полска е меѓу оние земји кои имаат најмногу сомнежи околу дијалогот со Москва.
Макрон вети дека со своите европски колеги ќе стори сé за да се најдат патишта и начини да се поведе важен дијалог со Русија.
(Фото: Танјуг)







