Една година по настаните во Собранието на Република Македонија во јавноста се уште не е докрај јасно зошто и како се случија насилствата, дали има нарачатели, кој се е вмешан, дали изборот на претседател на Собранието беше иницијалната нишка или нешто друго е во прашање…
И онака кревката демократија во Македонија, по долгата политичка криза, беше ставена можеби на финалниот тест. Не само за политичарите, за сегашната власт и опозицијата, туку и за граѓаните.
Како потсетување и предупредување, и во потрага по вистината и правдата, токму денеска во Кривичниот суд ќе се гледаат видео снимки и фотографии од случувањата на 27 април на рочиштето за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села, кој беше најтешко повреден во овие настани. За нападот на Села се обвинети десет лица.
Лекарската помош по насилствата на 27 април во Собранието, според извештајот на МВР побарале 70 граѓани, 22 полицајци и тројца пратеници.







