Заврши граѓанскиот буџетски форум во Струмица на кој граѓаните на две сесии имаа можност да предлагаат проекти за реализација. Градоначалникот Коста Јаневски истакна дека ќе ги прифати сите 45 проекти предложени на форумот за Буџетот во 2018 година.
„Ги разгледавме предлозите од првата сесија на овој Граѓански форум. Сите детално ги разгледавме заедно со моите соработници, навистина има прекрасни проекти од сите области и навистина ви благодарам за нив. Дел од нив веќе се планирани во програмите на Општината за наредната буџетска година, што посебно ми е драго, бидејќи тоа значи решаваме проблеми и го планираме локалниот развој во иста насока, рече Јаневски.
Додаде дека Буџетот за 2018 на општина Струмица ќе тежи 1.203.576.217 денари, од кои 481.873.139 денари се однесуваат на блок дотации, 40.929.000 денари се однесуваат на самофинансирачки активности на буџетските корисници, 54.762.299 денари се однесуваат на донации, 50.000.000 претставуваат кредити и, како што рече, најзначајниот дел претставуваат средства од основниот буџет во износ од 576.015.279 денари.
Во однос на донесениот ребалансиран буџет за 2017 година предложениот буџет е зголемен за 7 проценти.
„Најголемиот дел од буџетот се сопствените изворни средства со 48 проценти од вкупните средства во буџетот за 2018 година, 40 проценти се блок дотации, 3 проценти се средства од самофинансирачки активности, 4 проценти се кредити и 5 проценти се донации. Вкупниот износ на капиталните расходи во основниот буџет кои го сочинуваат Развојниот дел од вкупниот буџет за 2018 година изнесува 324.872.000 денари и претставува 57 проценти од основниот буџет на Општината, рече Јаневски.
На втората сесија беа презентирани развојните програми на општина Струмица за 2018 година по што истите беа рангирани од страна на граѓаните. Прворангирана е Програмата за улици и патишта, втора Локален економски развој, трета Програмата за уредување на рурални подрачја, па следуваат образование, социјална заштита, уредување на градежно земјиште, култура и спорт.







