Mандатарот за составување на Влада на Република Македонија, Зоран Заев, ќе присуствува на утрешната неформална вечера на премиерите на шесте балкански држави што во Брисел ја организира Федерика Могерини, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија.
Поканата до Заев е испратена во својство на „определен за премиер“, што значи дека лидерот на социјалдемократите, иако се уште не е избран за нов претседател на македонската Влада, утре во Брисел ќе биде претставен како таков.
На утрешната неформална вечера покрај Заев ќе присуствуваат премиерите на Србија, Александар Вучиќ, на Црна Гора, Душко Марковиќ, Еди Рама на Албанија, Иса Мустафа на Косово и Дениз Звиздиќ на Босна и Херцеговина.
Инаку, претходно портпаролката на Могерини, Маја Коцијанчич, најавувајќи ја средбата на премиерите на шесте балкански држави со Федерика Могерини, истакна дека целта е да се разговара за состојбата во регионот во врска со последните случувања, како и да се погледне „како сите заедно може да се движат напред“.
„Оваа вечера, ќе биде продолжение на посетата на Високата претставничка Могерини на регионот од март оваа година“, истакана Коцијанчич во најавата за утрешниот настан.
Инаку, според информациите од кабинетот на Могерини, по средбата Европската служба за надворешни работи ќе излезе со соопштение во кое ќе образложи што била целта на вечерата и што е разговарано на неа.







