Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и шестте лидери од Западниот Балкан, ќе имаат работна вечера на 24 мај во Брисел, информира новинската агенција Макфакс.
Цел на овој неформален состанок е да се разговара за ситуацијата во регионот, практично неколку часови пред доаѓањето на претседателот на САД, Доналд Трамп во ЕУ и во НАТО, каде што ќе има средба со првите луѓе на Унијата и ќе присуствува на самитот на НАТО.
Официјалните покани се уште не се испратени до лидерите но се очекува на состанокот со Могерини да присуствуваат премиерите на шестте земји, така што може да се случи ова да биде меѓународна промоција на лидерот на СДСМ, Зоран Заев како нов премиер.
Во моментов е неизвесно дали Заев ќе добие покана да учествува на самитот на НАТО, на настанот на кој ќе биде присутен и новиот претседател на САД, Доналд Трамп.







