Европската унија ќе биде комплетна дури откако на таа заедница на нации ќе и се приклучат и земјите од Западен Балкан, изјави во Стразбур австрискиот канцелар Себастијан Курц, претставувајќи им ги на пратениците во Европскиот парламент приоритетите на австриското претседавање со Европската унија.
Тој порача дека еден од трите приоритети на австриското претседавање ќе биде приближувањето на Западен Балкан кон членство во ЕУ. Како преостанати приоритети ги наведе безбедноста и борбата против илегалната миграција, како и дигитализација и автоматизација со цел за осигурување на просперитетот на Унијата.
„Западен Балкан не само што има европска перспектива која ја заслужува, туку заслужува и членство во Унијата. Затоа ќе работиме најдобро што знаеме за да го поддржиме процесот на пристапување на државите во ЕУ“, изјави Курц.
Тој, исто така, порача дека ЕУ мора да биде активна во своето соседство за да ја осигура стабилноста, безбедноста и мирот.
„Југоисточна Европа, а посебно Западен Балкан, се близу до срцето на Австрија“, вели Курц.
Австрискиот канцелар побара на земјите од Западен Балкан да им се даде „искрена перспектива“ и да им се овозможи стабилно напредување кон членство во ЕУ и да се комплетира ЕУ проектот но, како што напомена, и за да се победат другите земји кои имаат влијание во регионот.
„Мораме да ги внесеме тие земји во Унијата за да допринесат за напредок на ЕУ и да ги поддржат нашите основни вредности“, оцени Курц.
Тој додаде дека решението за спорот околу името меѓу Грција и Македонија е значаен охрабрувачки знак, и изрази задоволство што постои „основна подготвеност на отварање на преговори со Албанија и Македонија“, иако официјална Виена сакала уште појасни сигнали.
Според неговите зборови, посебно во мигрантската криза било докажано дека Западен Балкан не е само интегрален дел од Европа, туку и интегрален дел од нејзината безбедносна архитектура.
Курц посочи дека мигрантската криза во изминатите години предизвика голема несигурност кај граѓаните на Европа и ја разниша довербата во способноста на Унијата да обезбеди сигурност.
Поради тоа, како што нагласи, неопходно е безбедноста во Европа и заштитата на европските граѓани да се постави како највисок приоритет.
Според неговите зборови неопходно е да дојде до промени на парадигмата во европската политика за миграцијата, а заштитата на надворешните граници е предуслов да се осигура понатаму вековниот проект на безграничниот шенгенски простор.
Самитот на ЕУ, според Курц, превзеде важен чекор во вистински правец. Изрази задоволство што по прв пат концептот прифатни платформи е прифатен во Советот на ЕУ.
Одржливо решение на мигрантската криза, смета Курц, е можно да се постигне само ако сите 28 држави се единствени.
Натамошниот приоритет на Австрија се обезбедување на благосостојба и дигитализација.
„Во оваа област Европа мора да ја искористи својата шанса. Последните 20 години доста од ова преспавме“, рече Курц нагласувајќи дека е неопходен вистински нов почеток, ако европските фирми сакаат во иднина да играат и понатаму важна улога на светскиот пазар.
„Само ако високо технолошки производи се прават во Европа може да се осигура благосостојба“, изјави тој.
Што се однесува на Брегзит, Курц порача дека Европа не смее да дозволи да биде поделена.
„Европа е наша иднина и во Унијата има многу повеќе од она што не поврзува, отколку што не дели“, оцени тој додавајќи дека Австрија го превзема претседавањето во време на пресврт.
Според неговите зборови меѓународниот поредок се менува, постои непредвидлива американска администрација која ги загрозува меѓународните спогодби, а во исто време Кина бележи брз економски успех.
Кога станува збор за Русија вели дека Австрија сака да даде придонес да се зајакнат каналите за дијалог со Москва.
(Фото: АФП)







