Тајландските гласачи донесоа неверојатна пресуда во корист на опозициската партија која бара радикални реформи на институциите во земјата. Јасно го отфрлија речиси една деценија долгото воено владеење и поддржаа две продемократски опозициски партии.
Раните резултати покажуваат дека „Движење напред“, најновата сила во тајландската политика која ја канализираше енергијата на продемократските младински протести во 2020 година, ги надминува сите предвидувања за да освои 151 од 500 места во Долниот дом. Сега е 10 места пред фаворитот, Феу Таи, предводен од ќерката на поранешниот премиер Таксин Шинаватра.
Аналитичарите ова го нарекуваат политички земјотрес што претставува значителна промена во јавното мислење. Тоа е, исто така, јасно отфрлање на двете партии поврзани со војската на актуелната влада и премиерот Прајут Чан-оча, кој го предводеше пучот со кој беше соборена избраната влада во 2014 година. Владејачката коалиција освои само 15 отсто од местата.
„Мнозинството гласови ја одразуваат потребата да се избега од ‘режимот Прајут’ и копнежот за промени“, вели Прајак Конкирати, политиколог од Универзитетот Тамасат.
„Тоа покажува дека луѓето веруваат во барањето на ‘Движење напред’ за промени – многу повеќе луѓе отколку што беше предвидено.“
Тајландските социјални медиуми веќе се преплавени со победнички пораки од поддржувачите на „Движење напред“, кои себеси се нарекуваат „органски пребарувачи“ и ја опишуваат победата на партијата како „ветер на промени“ и „зора на нова ера“.
Предводени од харизматичниот 42-годишен Пит Лимјароенрат, оваа политичка сила сака да ги реформира тајландските строги закони за навреда на кралското семејство, стварајќи потенцијален судир со моќната ројалистичко-воена елита на кралството.
Тајланѓаните вчера излегоа на гласање во голем број, после кампањата што ја спротивстави младата генерација желна за промени против конзервативната елита олицетворена во премиерот Прајут Чан-О-Ча.
Со пребројани гласачки ливчиња на 99 отсто од избирачките места, податоците на изборната комисија покажаа дека „Движење напред“ освои 14 милиони гласови, а по него е Феу Таи со 10,6 милиони.
(Фото: Ројтерс)







