Голем пожар изби вчеравечер околу 19 часот на планината Шушањ, над истоимената населба во Бар, што го предизвика турист од Полска, кој се изгубил.
„Состојбата е крајно сериозна, затоа што во овој момент, зависно од ветрот, може да дојде не само до загрозување на горните коти на Шушањ, туку од една страна на Сутоморе, а од друга на Зубац“, велат од Противпожарната бригада на Бар.
Пожарот кој зафатиголема површина формираше огнен тријаголник на планината и јасно се гледа практично од сите делови на Бар.
Огнот од врвот на брдото се спушти кон населбите Карадановиќ и Талиќ.
Началникот на Службата за заштита на Бар, Велизар Чаџеновиќ за „Вјести“ изјавил дека пламенот избувнал под неверојатни околности.
„Информиран сум дека еден планинар од Полска којшто се загубил во планината, со намера да сигнализира на кое место се наоѓа, запалил оган којшто поради ветрот се проширил на голем дел од планината“, посочил Чаџеновиќ.
Тој додал дека утринава побарал итно вклучување на хрватските канадери и на расположливите авиони на црногорското МВР во гаснењето на пожарот.
„Веднаш почнавме да правиме планови за акциите што ќе ги превземаме. Во овој момент огнот е далеку од патот, меѓутоа, поради можен неповолен развој на ситуацијата мораме да бидеме крајно внимателни“, изјавил Чаџеновиќ.
Изгубениот планинар од Полска сеуште не е пронајден.








