Анкетите велеа дека ЦДУ е во значителна предност, па сепак има изненадување: Социјалдемократите (СПД) на повторените локални избори во Берлин паднаа на второто место, зад демохристијаните, со само 105 гласови предност пред партијата на Зелените.
За берлинската СПД тоа е дебакл, победници на изборите се демохристијаните. Но, тие освоија 28,1 отсто, помалку од една третина од гласовите и не е сигурно дека ќе формираат градска влада и ќе дадат градоначалник.
Носителот на берлинската листа на демохристијаните, Каи Вегнер (50), веќе најави дека тие ќе ја формираат градската власт: според бројот на освоени мандати, тие имаат мнозинство ако ги придобијат во коалиција или СПД или Зелените. Тој истакна дека веднаш ќе почне со „сондажа на теренот“ за можна коалиција.
„Берлинер цајтунг“ успехот на ЦДУ го нарече тектонска промена, заклучувајќи дека резултатот од Берлин ќе значи ветар во грб за Фридрих Мерц, конзервативецот кој ги предводи демохристијаните по Ангела Меркел. Тоа е првпат од 1999 година ЦДУ да освои повеќе од социјалдемократите во Берлин.
Според прелиминарните резултати, СПД и Зелените имаат по 18,4 отсто од гласовите. Разликата е само 105 гласа за СПД, но не е сеедно кој добил повеќе. Во случај на коалиција, посилната партија има право да го именува градоначалникот, а Зелените веќе навестија дека сакаат посилна улога во случај на нова заедничка коалиција со социјалдемократите, пренесува „Шпигел онлајн“.
Сепак, не е исклучено дека повторно ќе се пребројуваат гласовите – иако и овие избори се одржаа поради низа нерегуларности утврдени на изборите во 2021 година.
Во традиционално левичарскиот Берлин, ЦДУ освои 28,1 отсто, дури 10 отсто повеќе отколку во 2021 и 2016 година.
Со Берлин 21 година владее градоначалник од СПД, а ова им е историски најлошиот резултат во тој град.
Освоените 18,4 отсто за социјалдемократите се голем пад од 3 отсто во однос на 2021 година (и 3,2 отсто во однос на 2016 година). додека Зелените паднаа за 0,5 отсто во однос на поништените избори во 2021 година, но во однос на последните избори во 2016 година се во пораст за 3,2 отсто. Левицата (Ди Линке) го мина изборниот праг со 12,2 отсто од гласовите, што е пад од 3,4 отсто во однос на 2016 година, додека крајната десница, АфД, освои 9,1 отсто – 1,1 отсто повеќе од преклани, и 5,1 отсто помалку од 2016 година, кога забрзано пораснаа на крилата на бранот бегалци од Сирија. Листата на Ди Линке ја предводи Клаус Ледерер, поранешен советник за култура, кој во предвечерието на изборите изјави дека е штета што врвот на партијата појасно не се определил за Украина, за поддршка за нападнатата земја.
Досега со Берлин управуваше коалицијата меѓу СПД, Зелените и Ди Линке. Според преброените гласови, таа коалиција сега би имала 57 отсто пратенички места. Математички е можно да се формира голема коалиција ЦДУ-СПД, бидејќи заедно освоија 54 отсто, исто колку и потенцијалната коалиција меѓу ЦДУ и Зелените.
Најмногу би добила т.н. Кениска коалиција, што би ја сочинувале ЦДУ, СПД и Зелените, (75 отсто пратенички места).
Извесно е дека не е можно да се формира коалицијата ‘Семафор’, која владее на федерално ниво, бидејќи Либералите (ФПД) со освоени 4,7 отсто од гласовите не успеаја да го поминат изборниот праг од 5 отсто.
Гласачите ја казнија актуелната градоначалничка Франциска Гифеј (44), јавуваат германските медиуми. Во досегашните 14 месеци од нејзиниот мандат не успеа да ги увери граѓаните дека е во состојба да решава горливи проблеми како што се инфраструктурните или превисоките наемнини, но не е исклучено и понатаму да биде градоначалничка.
Помалата излезност најмногу ја оштети нејзината СПД, а голем број гласачи преминаа на другата страна од политичкиот спектар. Дури 60.000 Берлинчани кои гласаа за социјалдемократите во 2021 година, сега гласаа за ЦДУ, пишува Шпигел. Тоа е 14 отсто од сите гласови на ЦДУ во Берлин.
Какви последици ќе имаат овие резултати за рејтингот на канцеларот Олаф Шолц (СПД)? Се чини не посебни, според германските медиуми. Повеќето пишуваат дека причината за поразот главно ќе се бара на локално ниво.
(Фото: АФП)







