Израелците во саботата се разбудија од ноќен кошмар.Борците на Хамас се инфилтрираа на југот на земјата, неселективно отворајќи оган врз минувачи, ловеа заложници и ги ставаа во камиони, пукаа на млади луѓе на музички фестивал…Истрелаа илјадници ракети врз израелските градови, вклучувајќи го и Ерусалим.
Некои од луѓето кои успеаја да побегнат раскажуваат потресни сведоштва.
Гледале куршуми како летаат и пријатели како им умираат на раце. До крајот на денот биле измасакрирани 700 Израелци, повеќе од 2.000 биле повредени, а значителен број се заробени, пишува за „Политико“ Анчал Вохра, коментаторка за меѓународни прашања, која до неодамна живееше во Бејрут.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, објави дека Израел е „во војна“ и најави масовен одговор.
„Она што се случи во саботата никогаш досега не е видено во Израел и ќе се погрижам повеќе никогаш да не се случи“, рече во своето обраќање до израелскиот народ.
„Ќе се одмаздиме за овој ‘црн ден’“, додаде тој, повикувајќи ги резервистите на конечна акција во Газа и подготовка за војна на повеќе фронтови.
„Резултатот ќе биде уништување на Хамас, дури и ако има заложници“, рече во телефонски разговор за „Политико“ поранешниот заменик советник за национална безбедност, Еран Лерман, од централен Израел, бесен и видно потресен од нападот.
Израел и Палестина веќе војуваа, но две работи се важни да се забележат: обемот на најновиот напад е без преседан и фактот дека на саботната инвазија не и претходеше нешто за таа да биде активирана.
Сепак, мора да се спомене дека тензиите се зголемија поради изградбата на израелски населби на палестинските територии и недостатокот на политички дијалог.
Но зошто сега?
Зошто Хамас покрена напад од такви размери и ризикува сопствено уништување и би можел, на некој начин, да ги сврти глобалните симпатии кон Израел?
Водечките светски претставници во голема мера го критикуваа масовниот напад.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, ги осуди извештаите за земање цивили како заложници и повика на нивно итно ослободување.
Соединетите Држави соопштија дека недвосмислено ги осудуваат напади на Хамас извршени без никаков повод.
Времето на нападот ги збуни експертите и доведе до шпекулации дека Хамас и неговиот сојузник Иран биле вознемирени од напредокот постигнат во спогодбата за нормализација меѓу Израел и Саудиска Арабија.
Пред само неколку дена, ајатолахот Али Хусеини Хамнеи, иранскиот врховен водач, рече дека муслиманските земји кои ги нормализираат односите со Израел „се обложуваат на коњ кој губи“, додавајќи дека Израел ќе биде уништен од рацете на палестинскиот народ и силите на отпорот од целиот регион.
Постои уште еден показател кој го навестува можниот мотив за нападот, Хезболах истакна дека тоа била „порака“, особено до оние кои „бараат нормализација на односите со непријателот“.
Во соопштението наведоа и дека Хезболах е во „директен контакт со раководството на палестинскиот народ“.
Договорот меѓу Израел и Ријад (де факто лидерот на сунитскиот исламски свет) беше лоша вест за Хамас, бидејќи ефективно ќе стави крај на колективното противење на муслиманскиот свет кон Израел, отворајќи ја вратата за слични договори со другите исламски нации, што би довело до уште поголема изолација на палестинските воено-политички организации.
Саудиска Арабија официјално не го признава Израел, а уште во 2002 година ја спонзорираше Арапската мировна иницијатива, која повикува на формирање на палестинска држава во Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим – територии што Израел ги освои за време на арапско-израелскиот конфликт во 1967 година.
Но, загриженоста на Ријад за националната безбедност сега ја надмина поддршката за независна палестинска држава.
Најголема грижа сега им претставува Иран со нуклеарното оружје.
Затоа, во замена за спогодбата за нормализација со Израел, саудискиот престолонаследник, Мохамед бин Салман, сакаше цивилни програми за нуклеарна енергија кои ги поддржуваат американските и најсовремени американски одбранбени системи.
Неколку недели пред нападот на Хамас, Белата куќа во повеќе наврати испрати пораки дека „основната рамка за таков договор е веќе поставена, и дека првите посети на израелските министри на Ријад и на палестинскиот пратеник на Саудиска Арабија на Западниот Брег дополнително ги убедија скептиците дека договорот меѓу донеодамна ривалите можеби бил неизбежен“.
Бин Салман изрази надеж за договорот, велејќи за „Фокс њуз“, дека разговорите за нормализација за прв пат се „вистински“.
Исто така, ги собори палестинските соништа, истакнувајќи дека сака да им го олесни животот на Палестинците, а не на некоја идна држава со источен Ерусалим како главен град.
„Иранците го поттикнаа Хамас да го изврши овој напад бидејќи сакаа да не вовлечат во борба што ќе нè одвлече од она на што треба да се фокусираме – иранскиот нуклеарен проект“, рече Еран Лерман, додавајќи: „За жал, успеаја“.
Во склад со очекувањата на муслиманските нации, Саудијците го прекорија Израел за борбите викендов, обвинувајќи ја на крајот израелската окупација.
„Кралството потсетува на повеќекратните предупредувања за опасностите од ескалација на ситуацијата како последица на продолжувањето на окупацијата“, соопшти Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија.
Други, пак, не се толку сигурни дека тајмингот на нападот може толку лесно да се поврзе со предложениот израелско-саудиски договор, тврдејќи дека планирањето за таков напад морало да трае со месеци, можеби дури и со години.
„Тие штотуку почнаа да градат договор“, рече Мохамад Маранди, ирански политички аналитичар.
И додека нема сомнеж дека нападот бил внимателно планиран однапред, можно е тој да е покренат во време што Иран го определил.
Дури и Маранди се согласи дека Иран им помага на палестинските вооружени групи „на сите можни начини“.
Иран му помогна на Хамас да произведе оружје со долг дострел, а координацијата покажана во последниот напад, кој е покренат од воздух, море и од копно – сугерира на тоа дека нападот го носи печатот на Иран и обуката и дисциплината на Хезболах.
„Ги повикуваме народите на нашите арапски и исламски народи, како и слободните луѓе ширум светот, да ја изразат својата поддршка за палестинскиот народ и движењата на отпорот“, се вели во соопштението на Хезболах.
Израел се осветува со удари врз Газа, жителите на Газа умираат во потрага по безбедно тло, а Хамас се соочува со борба до самиот крај. Во исто време, Палестинците ја губат онаа мала надеж што ја имаат дека некогаш ќе живеат во независна држава. Се чини дека Иран е единствениот што има корист од масовниот напад – и тоа само ако Техеран успее да го растури саудискиот договор и да ги уништи надежите на кралството да стане нуклеарна сила.







