Во денешно време, интернет и масовна комуникација, полицијата во источната индиска држава Одиша чува јато гулаби во случај на прекин на врските при катастрофи.
Полициските станици во Индија користат гулаби уште од времето на британското колонијално владеење.
Денеска државната служба за гулаби писмоносци „вработува“ повеќе од 100 птици.
„Ги чувавме гулабите поради нивната наследна вредност и за да ги зачуваме за идните генерации“, вели Сатиш Кумар Гајбхије, инспектор од округот Катак.
Полицијата тврди дека гулабите, кои летаат со брзина до 55 километри на час на оддалеченост до 800 километри, барем двапати во последните 40 години ја спасиле ситуацијата.
Тие одиграа клучна улога во 1999 година откако бура ги прекина комуникациските линии, како и во 1982 година за време на разорните поплави во делови од таа индиска сојузна држава.
По правило, гулабите носат пораки напишани на лесна хартија, ставени во капсула и врзани за нивната нога.
„Истражувањата покажуваат дека гулабите можат да детектираат магнетни полиња и да одредат локација на одалеченост од неколку илјади километри“, вели историчарот Анил Дир, кој работи со полицијата.
„Дури и во неверојатно сценарио, да бидат прекинати сите комуникации, гулабите никогаш нема да разочараат“, истакна Дир.







