Петнаесетина минути пред 14 часот по средноевропско време ураганот Ирма ја зафати Флорида Кис, група мали острови на југот на сојузната американска држава Флорида.
Националниот центар за урагани на САД соопшти дека на меѓународниот аеродром „Ки Вест“ бил измерен ветер со брзина од 80 килоемтри на час, пренесува АП.
Повеќе од 170.000 домови и форми на Флорида останаа без струја, а центарот на Ирма во тоа време беше на околу 140 километри југоисточно од Ки Вест.
Компанијата „Пауер енд лајт“ на својата веб страница соопшти дека повеќе од половина од случаите на прекин на електричната енергија биле во подрачјето на округот Мајами Дејд, каде што за околу 600 илјади луѓе е наредена евакуација.
Компанијата патем соопшти дека очекува дека милиони луѓе ќе останат без струја и дека во некои области тој прекин ќе трае подолго.
Околу 14.40 часот брзината на ветерот на Флорида, од првично регистрираните 80 километри на час, достигна 215 км/ч.
Полицијата на Ки Вест им порача на жителите кои не се евакуираа да останат во засолништата или во затворен простор додека бурата потполно не помине. Полицијата, исто така, порача никој да не излегува надвор кога над местото на кое се наоѓаат ќе поминува окото на бурата, затоа што тогаш временските услови можат да ги измамат дека невремето поминало.
Џон Хјустон, кој чека да помине бурата во својот дом во Ки Ларџ рекол дека ветровите се многу силни.
„Нивото на водата денеска е повисок. Неверојатните ветришта не престануваат“, порачал Хјустон преку порака, пренесуваат медиумите.
Десетина минути пред 15 часот надлежните служби во Мајами издадоа предупредување дека Флорида ја зафати катастрофален ураган.
Од метеоролошката служба на луѓето посебно им потенцираа дека нивните животи им се загрозени, во ниту еден случај да не излегуваат во вода поради можност од електрични празнења и да стојат понастрана од прозорците.
Гувернерот на Флорида денеска изјави дека силниот пораст на нивото на океанската вода може да предизвика тешки оштетувања во крајбрежните области.
„Многу сум загрижен за западниот брег“, изјави Скот гостувајќи во специјална емисија посветена на невремето на телевизијата „Фокс њуз“.
Тој потоа за „Еј Би Си њуз“ рече дека „ова засилување на бурата едноставно е смртоносно“.








