Фудбалските фанови во Катар со шок и неверување ја дочекаа одлуката на локалните власти да воведат забрана за точење пиво на и околу стадионите за време на Мундијалот, но љубителите на овој „магичен напиток“ сепак можат да здивнат.
Пиво и тоа како има и се точи. Навистина, не на стадионите за време на натпреварите, туку во фан-зоните на навивачите. Сепак, за ова задоволство, љубителите на пиво мора да издвојат повеќе од 700 денари за, како што велат Катарците, „пинта“ (малку повеќе од половина литар).
Меѓу најголемите пивопијци спаѓаат навивачите на Англија, репрезентација која денеска го игра првиот натпревар на Мундијалот, од 14 часот против селекцијата на Иран.
Многу навивачи на „Гордиот Албион“ тргнаа во потрага по пиво, а двајца фанови на англискиот Евертон дури се пофалија дека трагајќи по пијалак завршиле во палатата на еден од катарските принцови.
„Баравме пиво, а тие рекоа дека имаат. Влеговме во неговиот автомобил и завршивме во палатата. Ни ги покажа мајмуните, неговите егзотични птици… Беше лудо“, додаде Алекс Саливан, кој на Твитер објави фотографии од лавови.
Успеаја да дојдат до пиво, но тешко дека попладнево на трибините на стадионот Калифа ќе ја видиме сликата која беше неизбежна на претходните Мундијали – навивачите на Англија облечени во крстоносни униформи.







