Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, со заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и директорот на Фондот за инвестиции и технолошки развој, Фестим Халили, на заедничка презентација, го претставија првиот дигитален асистент во јавниот сектор, базиран на вештачка интелигенција – АДА, дизајниран за потребите на програмите за државна помош.
Проектот е поддржан преку Фондот за иновации и технолошки развој.
„Република Северна Македонија се дигитализира. Нашата држава ги следи светските процеси и веќе е дел од бранот на нови, модерни, дигитални трендови, кои го зафаќаат секој аспект на нашето живеење и наједноставно може да се каже дека да, доаѓа АДА, што е првиот дигитален асистент некогаш направен во Владата на нашата држава. Ова е првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, преку којшто компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и државната помош која ја нудиме“, истакна Ковачевски на промоцијата.
АДА ги нуди сите информации за финансиска поддршка од страна на државата, а ќе се надоградува и со други услуги од важност за деловниот сектор и граѓаните. Преку тоа, ќе се влијае на зголемување на транспарентноста на сите институции, но и на намалување на корупцијата и елиминирање на човечкиот фактор во процесите.
Воведувањето на овој прв дигитален асистент значи забрзување на процесите на давање услуги на заинтересираните граѓани и претставници на компании, коишто ќе можат да бидат услужени во неограничен број и тоа постојано, во текот на 24 часа.
„Процесот на дигитализација е незапирлив, секаде во светот, па така и во нашата држава. Светските трендови се развиваат во правец на развивање и се поголема примена на вештачката интелигенција, која е навлезена во сите сфери од живеењето, преку склопување на машини и модернизација на процесот на производство, се до помош во домовите, па дури и создавање на дела и креации кои порано биле можни единствено со помош на човекот“, рече премиерот.
Можностите кои ги нуди вештачката интелигенција се неограничени. Тоа и се докажа преку брилијантниот успешен обид на творецот на вештачката интелигенција и на модерната когнитивна наука, Алан Туринг, преку декодирањето на познатата машина, Енигма, која Германците ја употребувале како сигурен начин за комуникација за време на Втората Светска Војна.
Визионерските обиди на Туринг, денес се реалност. Државите веќе се натпреваруваат во однос на подобрените перформанси на машините, производство на најсофистицирани софтвери и модернизирање на секојдневните навики на луѓето.
Употребата на вештачката интелигенција и компјутеризацијата се пресликува и применува и во јавната сфера, како и во работењето на институциите.
„Како Влада, која е насочена кон осовременување и следење на светските трендови, во изминатиот период поддржавме, а и ќе продолжиме да поддржуваме поголем број на иновативни иницијативи“, истакна Ковачевски.
Фондот за иновации и технолошки развој, преку своите финансиски инструменти, ко-финансира 1080 проекти, со заеднички инвестиции од околу 112 милиони евра. Од нив, над 50 % се старт-ап компании, основани претежно, од млади луѓе.
Минатата година компаниите, кои реализирале инвестиции, финансиската поддршка ја добија во целост, што е исклучително важно при планирање на расположливи средства во услови на криза.
Лани имало рекордна исплата од 23 милиони евра, како и рекорден број на поддржани компании, 410 по Законот за финансиска поддршка на инвестиции.






