Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ би можела на есен да дојде во официјална посета на Белград, а точниот датум се договара помеѓу канцелариите на шефовите на државите во Белград и Загреб, кои се во постојан контакт, пренесуваат српски медиуми.
Еден од предусловите да дојде до посетата што поскоро е чекор напред во решавањето на судбината на исчезнатите. Од кабинетот на Китаровиќ велат дека хрватската претседателка со големо задоволство ја примила информацијаѕа дека Александар Вучиќ има намера да именува повереник кој би работел на ова прашање.
Китаровиќ пред неколку дена го примила својот повереник за исчезнати, Ивица Вркиќ, градоначелник на Осиек, кој детално ја известил за разговорот кој во текот на неодамнешната посета на Белград го водел со Вучиќ.
Грабар Китаровиќ сака посетата да не биде само протоколарна, туку на маса да се најдат конкретни прашања и решавање на проблеми од минатото. Во подготовка е и економски форум за претставување на хрватски компании во Србија, а за него владее голем интерес.







