„Ловецот“ на мигранти од Бугарија, Динко Валев (29) купил хеликоптер со вооружување, како би ги откривал „потенцијалните џихадисти“, а откако бугарската влада му дала дозвола за тоа.
Британскиот „Дејли мејл“ пишува дека Валев купил летало, како би патролирал и барал лица кои, како што тој вели, биле потенцијална закана за неговата држава.
Овој ловец на мигранти, поранешен полупрофесионален борач, за чија глава Исламска држава ветува награда, стана познат минатата година откако на интернет почна да става свои видео снимки на кои се гледа како, заедно со уште неколку колеги, брка и заплашува мигранти кои во Бугарија стасуваат од Турција.
Во неговиот филм се гледаат жени и деца кои се приморани да лежат на стомак на земја со рацете врзани од позади.
„Ова би го опишал како обична спортска активност. Не можете да речете за спортист дека е насилник“, вели Валев.
Владата на Бугарија му дава поддршка и му помага, наведува британскиот весник и додава дека е нејасно дали големиот митралез и механизмот за исфрлање на ракети, кои се наоѓаат на предниот дел на хеликоптерот сеуше се функционални.
Валев, кој живее во градот Јамбол, во близина на границата со Турција тврди дека секој бегалец е „можен џихадист“.
Исламска држава нуди награда од 50.000 долари за оној што ќе приложи фотографија или видео материја со кои ќе потврди дека го ликвидирал „ловецот“.
Весникот наведува и тоа дека тој пред шест месеци на социјалните мрежи го покажал неговиот нов автомобил, „мерцедес С“, и им се заблагодарил на приврзаниците што му овозможиле да се стекне со него.
Државното обвинителство во Јамбол ги истражува пријавите за тоа дека Валев и неговите луѓе поттикнувале дискриминација против мигрантите, а исто така побарало од него да објасни како оддеднаш станал многу богат.











