Луис Инасио Лула да Силва победи во вториот круг од претседателските избори против Хаиро Болсонаро, кој не успеа да го освои својот втор мандат.
Кандидатот на левицата Лула освои 50,83 отсто од гласовите, наспроти 49,17 отсто за десничарот Болсонаро, откако беа преброени нешто помалку од 99 отсто од гласовите, потврди Врховниот изборен суд во Бразил.
Бразилскиот десничарски портал „Антагониста“ јави дека Болсонаро вечерва нема да го повика новоизбраниот претседател Лула, но и дека нема намера да го доведува во прашање резултатот од изборите, повикувајќи се на претставници на Болсонаро.
Лула рече дека ќе се бори против уништувањето на шумите на Амазон.
„На Бразил и на планетата им треба шумата на Амазон. Едно дрво што сеуште стои вреди повеќе од еден тон дрво исечено на црно“.
Лула и се обрати на нацијата од просториите на неговиот штаб.
Излезе на говорницата, но потоа му заѕвони телефонот, па обраќањето мораше да почека неколку минути додека не го заврши разговорот.
„Се обидоа да ме закопаат жив, но тука сум“, го отвори својот победнички говор.
„Ова е победа за демократското движење, над интересите на сите партии и идеологии“, додаде тој.
„Прво, сакам да му се заблагодарам на Господ. Овие избори ги спротивставија двете многу спротивни визии на Бразил, една против друга, а победникот е бразилскиот народ. Бразилците сакаат книги наместо пиштоли, сакаат да живеат добро, да јадат добро, да имаат работа и пристап до образование. Бразилскиот народ сака повторно да има надеж. Така ја разбирам демократијата. Сакам да се борам против расизмот, сакам мир, демократија и достоинство за Бразил. Нема два Бразила. Не постојат две такви држави. Ние сме еден народ“.
Лула рече дека негов најголем приоритет е уште еднаш да го искорени гладот.
„Не треба да се прифати како нормално дека милиони мажи, жени и деца во Бразил немаат доволно храна. Ова ќе биде огромен предизвик и неопходно е да се обнови земјата од сите аспекти. Бразил се врати!“, истакна Лула.
(Фото: „Танјуг“)







