Кандидатот за градоначалник на општина Аеродром Златко Марин и професорот Стево Пендаровски вчера беа на средби со граѓаните околу трговскиот центар Бисер.
Граѓаните уште еднаш им ги посочија проблемите и барањата за кои има предвидено решенија во програмата.
Најголемиот капитален проект во овој дел е изградба на нова гимназија и изградба на центар за возрасни лица.
Центарот ќе организира превоз на старите и немоќни лица, снабдување со производи и лекови, намирување на режиските трошоци и прошетки.
„Планирано е формирање на општинско комунално претпријатие кое хигиената ќе ја одржува на високо ниво. Ќе се постават и подземни контејнери на нови локации, а заедно со град Скопје ќе се обнови системот за водоснабдување.
Златко Марин го запозна Пендаровски со дел од програмата која предвидува замена на дотраената кровна конструкција од штетните азбестни кровови на зградите.
За недоволниот капацитет на паркинг места, Марин вели дека ќе се зголеми паркинг просторот, посебно околу пазарот и дека ќе се регулира пристапот на возила за итни случаи на просторот околу станбените објекти.
Вети и дека ќе се реконструирале и редовно ќе се одржувале пешачките патеки низ населбата, а за зачувување на јавниот ред и мир во населбата ќе ги врател уличните полицајци.







