Министерството за внатрешни работи и Државната комисија за спречување на корупцијата ќе соработуваат со размена на податоци во електронска форма.
Денеска министерот Оливер Спасовски и претседателката на антикорупциска, Билјана Ивановска, потпишаа Договор за соработка и размена на податоци во електронска форма и Меморандумот за соработка со кој се уредува начинот на соработка, координацијата и имплементацијата на заеднички договорените активности, заради претходно утврдена цел – унапредување на системот на заштита на укажувачите, како ефективна алатка во борбата против корупцијата.
Согласно договорот, Министерството за внатрешни работи ќе и овозможи на ДКСК да добива податоци преку веб сервиси и да ги обработува истите во однапред определена структуирана форма, во реално време, во најкраток можен рок.
„Електронската размена на податоците ќе се реализира преку Националната платформа за интероперабилност, на која и двете институции се поврзани и во согласност со прописите од областа на електронското управување и електронските услуги“, се вели во соопштението од МВР.
За таа цел, додаваат од МВР, од страна на Одделот за информатика и телекомуникации при Министерството се изработени три веб сервиси (сервис за преземање и проверка на лични податоци од Регистарот за лични документи, сервис за преземање и проверка на податоци од евиденцијата за подвижен имот – моторни возила регистрирани во земјата, сопственост на физички и на правни лица и сервис за преземање и проверка на податоци од регистрите за оружје кои се водат во МВР).
„Потпишувањето на договорот ќе овозможи зголемување на ефикасноста и ефективноста на ДКСК во спроведување на нејзините законските надлежности“, се додава во соопштението.
Во поглед на Меморандумот за соработка предвидено е двете институции да соработуваат на темата на заштитено пријавување, во насока на олеснување и подобрување на процесот на заштитено пријавување, во согласност во надлежностите кои им се утврдени со Закон за заштита на укажувачите.
ДКСК го иницира потпишувањето на Меморандумот, а со цел овозможување за користење на софтверското решение за унапредување на процесот на заштита на укажувачите од страна на овластено лице за прием на пријави за укажувачи во МВР.
„Со користењето на софтверското решение ќе се овозможи мрежна поврзаност на лицата овластени за прием на пријави од укажувачи од сите органи на државна управа и институции, а токму ова софтверското решение претставува дополнителна ефективна алатка во борбата против корупцијата“, се нагласува, меѓу другото, во соопштението од МВР.
На чинот на потпишување, обострано беше искажано задоволството од унпредувањето на соработката помеѓу двете инститцуии, која и досега беше на високо ниво.
Беше заклучено и тоа дека со потпишувањето на горенаведените акти и користењето на дигиталните алатки ќе се овозможи интензивирање на соработката во насока на остварување на заедничка цел борба против корупцијата и владеење на правото.







