Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди дека неговата земја ќе ја прошири својата воена операција во Сирија до градот Манбиџ.
Турската воздушна и копнена операција, веќе петти ден по ред, цели на борците на милицијата на сириските Курди во регионот Африн и отвори нов фронт во сириската граѓанска војна.
Притисокот кон Манбиџ, кој се наоѓа на околу 100 килоемтри источно од Африн, може да ги загрози плановите на САД за стабилизација на регионот на североисточна Сирија.
Турските сили за безбедност и нивните сојузници, бунтовниците, започнаа операција „Маслинова гранка“ во регионот на Африн, затоа што официјална Анкара ги гледа „Единиците за заштита на народот“, што ги поддржува Америка, како продолжена рака на терористичката Работничка партија на Курдистан (ПКК).
„Со операцијата ‘Маслинова гранка’, уште еднаш ја попречивме играта на оние скриени сили чии интереси во регионот се поинакви. Почнувајќи од Манбиџ, ќе продолжиме да ја попречуваме нивната игра“, рече Ердоган обраќајќи им се на покраинските лидери во Анкара.
Тензиите во односите меѓу Турција и САД веќе значително пораснаа поради разликата во погледот на политиката во Сирија. За САД, милицијата на сириските Курди се клучен сојузник во борбата против џихадистите на Исламска држава и против силите на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Турската операција во Манбиџ би била преполна со ризик поради присуството на американската војска и во градот и неговата околина.
Тие, како што наведуваат новинските агенции,таму се распоредени од март минатата година за да ги одвратат турските и бунтовниците кои САД ги поддржуваат од меѓусебни судири, а исто во тој град ги одржуваат своите тренинг мисии.
Приврзаници на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вечерва во Виена одржаа демонстрации давајќи и легитимитет на воената акција на Анкара против курдските борци на северот на Сирија, која за западните земји по многу нешта е спорна.
Операцијата „Маслинова гранка“ е итно потребна,истакна Ертугул Ерказа од Унијата на европски турски демократи, организација во Виена блиска на партијата на Ердоган.
Тој укажа дека извештаите за нападите на турската војска на курдските единици погрешно се прикажуваат во западните медиуми.
Турција, според неговите зборови, го штити локалното население од курдските терористички организации како што се ПКК, ПУД и ПГ, и им овозможува на бегалците да се вратат дома на своите територии.
Во своето обраќање Ерказа тврдеше дека милицијата на Курдите ги злоупотребува цивилите користејќи ги како жив штит.
Повеќе десетици демонстранти носеа транспаренти и турски и австриски знамиња.







